СВЕТСКАТА ЗДРАВСТВЕНА ОРГАНИЗАЦИЈА КОНТРА ТРАМП Препораките за вакцинација на децата се темелат на наука
Портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ, изјави дека сите препораки за вакцинација се темелат на повеќе од 60 години детални истражувања на СЗО, националните тела и независните стручни групи.
Светската здравствена организација (СЗО) денеска застана во одбрана на научно заснованиот процес што се користи за утврдување на календарот за детска вакцинација, откако американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба насочена кон намалување на бројот на препорачаните имунизации за децата во САД.
Трамп вчера потпиша извршна наредба со која се бара намалување на американскиот календар за вакцинација на децата на вкупно 11 имунизации, изјавувајќи дека со овој потег ќе им се обезбеди „златен стандард“ на заштита и дека САД подобро ќе се усогласат со другите развиени земји кои препорачуваат помал број дози. Меѓутоа, експертите за вакцини укажуваат дека земјите со помал број препорачани дози се соочуваат со поинакви ризици од заболувања и располагаат со поинакви здравствени системи.
Оваа извршна наредба следува по заложбите на американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот, кој со години ја доведуваше во прашање безбедноста на вакцините и ги поврзуваше со појавата на аутизам, иако бројните научни студии и глобалните јавноздравствени установи категорично немаат пронајдено докази за таква поврзаност.
Портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ, изјави дека сите препораки за вакцинација се темелат на повеќе од 60 години детални истражувања на СЗО, националните тела и независните стручни групи.
– Времето на вакцинацијата се определува со сеопфатен научен преглед за тоа кога луѓето се најподложни на одредени заболувања и врз основа на развојот на имунолошкиот систем – истакна тој.
Јашаревиќ додаде дека сите земји обично се потпираат на национални технички советодавни групи за имунизација, составени од мултидисциплинарни експерти кои им даваат на владите независни препораки засновани на докази. Овие групи, според него, при утврдувањето на националните распореди редовно ги користат насоките на Стратешката советодавна група експерти за имунизација (САГЕ) на СЗО.
– Она што произлегува од СЗО е засновано исклучиво на науката. Се надеваме дека сите земји ќе ги користат најдобрите научни докази со кои располагаме – порача Јашаревиќ.