Културниот марксизам – задкулисниот убиец на иднината
Најголемиот успех низ годините на културниот марксизам не е во преземањето на универзитетите, медиумите, политичките партии и цивилниот простор, илити невладините. Не. Неговата најголема победа е што ве убеди вас, да, токму вас, дека објективната вистина повеќе не постои. Затоа денес живееме во колективна делузија каде реалноста е заменета со евтин релативизам. Па така, денес моралот е „контекстуален“, семејството е „извор на фрустрации“, идентитетот е „застарен племенски концепт“.
Неодамнешната хиперактивност на оние самопрогласени „архитекти на иднината“ ширум Европа не е случајна. Се раздвижија гуруата на таканареченото „Отворено општество“. Тој, можеби најголемиот лингвистички фалсификат на нашиот век, кој под маската на „отвореност“ создаде најзатворена, најдогматска и најнетолерантна идеолошка матрица, е повторно активен низ Европа. А за волја на вистината, и илузорно беше и да се помисли дека тукутака ќе исчезне од европското тло, по целиот хаос кој систематски и системски го создаваше последниве три децении. Да, безмалку 35 години во низата обиди, трае последниот обид на културните марксисти да ја уништат и најмалата цивилизациска придобивка на стариот континент.
Генезата на оваа подмолна доктрина не започнува на барикадите, туку во кабинетски тишини. Кога студентските бунтови во 1968 година го преплавија Париз, сите мислеа дека тоа е само уште еден хормонски излив на младоста, генерациски револт против татковците со застарени манири. Каква епска наивност! Точно тие бунтови беа всушност првиот отворен лабораториски тест и практична примена на доктрините подготвувани во Франкфуртската школа. А тоа се случи кога нејзините идеолози, предводниците Макс Хоркхајмер, Теодор Адорно и особено Херберт Маркузе, заклучија дека класичниот марксизам доживеа дебакл. А тогаш Маркузе дури и отворено ќе напише дека работникот, поточно пролетерот, се покажал како најголем предавник на револуцијата, и наместо да ја дига во воздух фабриката во која работи, тој се дрзнал да заштеди за подобар стан, автомобил и поголем телевизор.
Каков ли е тоа само ужас за горепосочените ликови, не?!?
И што да се прави сега, кога вашата жртва, ќе ве изневери? Да се откажете? Секако дека не, па побогу вие живеете на грбот на жртвата, таа е смислата на вашиот опстој. И да, можеби жртвата ве предала, но таа има деца, има поколенија. И тие се вашата следна жртва, вашиот фокус. Не за да го казните виновникот за предавството на вашите идеали, туку чисто прагматично, за да опстоите вие. Го менувате планот. Го оставате чеканот и го земате професорскиот дневник, а за нови „угнетени жртви“ ги прогласувате сите оние кои би можеле да се разгневат против традиционалното општество.
Ете такви беа причините за раѓањето на културниот марксизам како доктрина во втората половина на минатиот век.
Најголемиот успех низ годините на културниот марксизам не е во превземањето на универзитетите, медиумите, политичките партии и цивилниот простор, илити невладините. Не. Неговата најголема победа е што ве убеди вас, да, токму вас, дека објективната вистина повеќе не постои. Затоа денес живееме во колективна делузија каде реалноста е заменета со евтин релативизам. Па така, денес моралот е „контекстуален“, семејството е „извор на фрустрации“, идентитетот е „застарен племенски концепт“.
Додека традиционалистите и приврзаниците на слободното општество спокојно дремеа на увото на пазарната логика, верувајќи дека слободата се подразбира сама по себе, овие идеолошки инженери ја завршија валканата работа. Тие не се бореа за подобро општество, тие се бореа за вашиот наследник.
Како изгледаше последната манифестација на тој културен марксизам на македонската сцена? Погледнете ги само уличните авантури од пред дест години. Шарената револуција беше продадена како последен крик на демократијата. Истите шаблони. Шише боја, параграф од странски грант и толпа млади луѓе убедени дека прават историја, а всушност беа само обична пешадија во туѓа идеолошка игра.
А зад сцената?
Зад сцената маршираа современите аланфордовски Суперхиковци, гротескни ликови кои под паролата за „социјална правда“ направија совршен перверзен инженеринг. Им го украдоа и тоа малку достоинство и пари на сиромавите, за украденото и ресурсите да им ги подарат на богатите, НВО-елитите и нивните политички покровители.
Што остана откога се исуши бојата од фасадите? Дали добивте правда? Дали добивте подобар систем? Или добивте само дузина на нови апаратчици, всушност некогашните гласни „активисти“, и ден-денес ухлебени во државни институции против кои наводно се бореа. А ние упорно се чудиме што истите актери одново и одново ни ја продаваат истата магла. Можеби проблемот наш е во системската површност. Нивото на Немовата Дора како колективна меморија е дополнителен проблем.
Историјата покажала дена нам ни требаат помалку од десет години за да заборавиме кој ни го подметна пожарот, и приближно толку за повторно да му го дадеме кибритот во раце. Системските крлежи, тие дежурни идеолошки профитери и социјални инженери, одлично го знаат тоа. Тие само го менуваат вокабуларот, вчера беше „борба против режимот“, денес против „изолационизам“, утре ќе биде нешто трето. Но, целта е секогаш иста, да ве убедат дека вие, со вашето традиционално сфаќање за животот, сте виновни за сè.
А болната вистина е дека кога образованието, културата и идентитетот ќе им ги препуштите на фанатиците со цинична насмевка, вие не губите само едни избори. Вие ја жртвувате иднината на вашите деца.
Како и да е, алармантно е што гробарите на Европа повторно копаат со полна пареа. Па сепак, дали е сè изгубено? Погледнете што се случува денес ширум Европа (ЕУ Изборите, Италија, Германија, Шведска, Полска, Словенија итн). Иронијата на историјата си поигра со архитектите на инженерингот. Најмладата гласачка популација, Генерацијата Z, децата што требаше да бидат нивниот најсовршен производ, започна да го прави токму спротивното. Овие млади луѓе, презаситени од догмите за „политкоректност“, симулираната вистина и дигиталниот тоталитаризам, масовно и пркосно ја избираат десницата. Новиот, вистински бунт против естаблишментот денес повеќе не носи шарено знаме и не јава еднорог, тој ги брани здравиот разум, слободата, суверенитетот и сопствените корени.
Тоа е светлата искра. Овие млади луѓе се иднината и вистинскиот спасителен појас на Европа. Тие покажаа дека човечката потреба за вистина и слобода не може да се избрише со ниту еден грант, ниту со ниту еден школски курикулум.
Нашата одговорност денес, вашата и мојата, е огромна. Ние не смееме да дозволиме овој чист, здраворазумски дух на новата генерација да биде задушен или искршен од глобалните мешетари на демократијата. Наша должност е да останеме будни, да ги именуваме манипулациите и да им го расчистиме патот.
Зашто, кога младоста ќе го одбие идеолошкиот калап, марксистичкиот културен калап, на системските крлежи им преостанува само едно, да разберат дека нивното време истекува.