НОВИОТ БРИТАНСКИ ПРЕМИЕР ДОБИЛ ЧУДЕН ПРЕДЛОГ ЗА „КОНФЕДЕРАЦИЈА“ Македонија меѓу земјите што би биле поканети

Планот предвидува Велика Британија повторно да добие пристап до европскиот единствен пазар, а за возврат да преземе поголеми одбранбени обврски. Во поширокиот круг би влегле и Украина, Норвешка, Швајцарија и Западен Балкан.

364

Новиот британски премиер Енди Барнам од пратеник добил предлог за создавање „Европска конфедерација“ што би ги поврзала единствениот пазар и одбранбените обврски, пишува британски „Индипендент“. Македонија е меѓу земјите од Западен Балкан што според планот би биле поканети да се приклучат.

Предлогот го изработил поранешниот конзервативен пратеник Ник Боулс. Пратеникот е познат по тоа што ја напуштил Конзервативната партија во 2019 година поради Брегзит.






Накратко, планот предвидува Велика Британија повторно да добие пристап до европскиот единствен пазар. За возврат, Лондон би ја проширил воената и нуклеарната заштита кон поширок круг европски партнери.

Сепак, извор од Кабинетот на Брнам предупредил дека владата редовно добива „шпекулативни идеи за политика“.

Македонија во поширокиот европски круг

Koи земјиби влегле во конфедерацијата? Според „Индипендент“, покрај Велика Британија и земјите од ЕУ,  би биле поканети Украина, Швајцарија, Норвешка и земјите од Западен Балкан.

Тоа би ги опфатило Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.

Боулс предлага Велика Британија да троши 3,5% од БДП за одбрана. Планот предвидува и проширување на британскиот нуклеарен чадор кон сојузници што не се членки на НАТО.

Во замена, Британија би добила пристап до зоната за слободна трговија без обврска да ја прифати слободата на движење или еврото.

Украина како бедем, Британија како нуклеарен штит

Во планот Украина би имала посебна улога. Таа би одржувала голема армија како главен бедем против идна руска агресија. Киев би ја споделувал и својата технологија за беспилотни летала со останатите европски партнери.

Боулс смета дека класичните билатерални преговори со ЕУ нема да бидат доволни.

– Ако се обидуваме да водиме билатерални преговори во кои се обидуваме да ја убедиме ЕУ да ни овозможи пристап до единствениот пазар за стоки, ќе пропаднеме – рече Боулс.

Тој смета дека шансата е во поширок договор што ќе решава и безбедносни проблеми.

– Ако дадеме предлог што решава други проблеми што ги имаат, како што е Украина, тогаш продажбата би можела да биде полесна – додаде Боулс.

Идејата стигнала високо, но шансите се мали

Според британските медиуми, предлогот го виделе и високи владини претставници, меѓу кои советникот за национална безбедност Џонатан Пауел.

Поранешниот лидер на лабуристите Нил Кинок го нарекол планот практичен, но предупредил дека шансите за напредок засега се мали.

Тој укажал дека Европската Унија строго го чува интегритетот на единствениот пазар и дека вакво отстапување за земја надвор од Европската економска зона би било без преседан.

Поврзани содржини