🎥 ПРАТЕНИЧКА ГО ГАЃАШЕ АЉБИН КУТРИ СО ЈАЈЦА ВО КОСОВСКИОТ ПАРЛАМЕНТ Хаос на конститутивната седница

Курти беше гаѓан со јајца, откако претходно повторно побара дополнително време за консултации за избор на претседател на Собранието, иако уставниот рок истече, а нападот го изврши пратеничката на Алијансата, Тиме Кадриај.

91

Со задоцнување од еден час денеска во Приштина продолжи конститутивната седница на косовското собрание во Приштина, но по само неколку минути работа седницата повторно беше прекината поради напад врз лидерот на Самоопределување и в.д. премиер, Аљбин Курти.

Уставниот рок од 30 дена за конститутивната седница на која се избираат претседател и потпретседател на собранието истече на полноќ.






Курти беше гаѓан со јајца, откако претходно од говорницата повторно побара дополнително време за консултации, а нападот го изврши пратеничката на Алијансата, Тиме Кадриај, која фрли неколку јајца кон него.

Ова доведе до прекин на седницата и влегување на телохранителите на Курти во салата.

Претседателот на Собранието Авни Дехари најави дека пратениците ќе бидат информирани подоцна кога ќе продолжи седницата.

Веднаш потоа, пратеничката на ЛДК Јехона Лушака им изјави на новинарите дека барањето на Курти за дополнително време за консултации е неодговорно, но дека движењето Самоопределување треба да предложи кандидат за претседател на Собранието.

– Довербата што граѓаните ни ја дадоа како пратеници, ни ја дадоа да ги конституираме институциите, но сега ја гледаме целосната неодговорност на Самоопределување, кое не наоѓа начин да ја исполни својата должност. Тоа е катастрофа и неодговорност! Ги повикувам граѓаните да видат дека Собранието не успева да се конституира – рече таа.

Пратеникот на Демократската партија на Косово, Аријан Тахири, рече дека новата политичка ситуација е последица на недостатокот на одговорност на владата кон граѓаните.

– Жално е што Аљбин Курти ги злоупотребува институциите на Косово 18 месеци – рече тој.

 

Додаде дека „сценаријата само се менуваат, а кризата продолжува“.

Опозициските партии Демократската партија, Демократскиот сојуз и Алијанса, го обвинија Самоопределување за кршење на уставот и синоќа побараа седницата да продолжи во согласност со одлуката на Уставниот суд, според која конституирањето на собранието мора да се заврши во рок од 30 дена од потврдувањето на резултатите од изборите.

Пратениците од опозициските партии се собраа синоќа во парламентот, чекајќи го продолжението на седницата, но, како што изјавија, не можеа да влезат во салата, бидејќи вратите биле заклучени.

Претседателката на претходното свикување на собранието, Аљбулена Хаџију, изјави дека синоќа опозициските партии не ги поднеле потребните 40 потписи за одржување вонредна седница и изјави дека вратите на собранието секогаш се затворени кога нема седница.

Претседателите на Самоопределување, Аљбин Курти и на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Љумир Абдиџику, вчера не постигнаа договор за формирање на институциите, поради несогласувања околу позицијата претседател на неколку институции.

Курти изјави дека постои драстична разлика помеѓу барањата на ДСК и резултатите од изборите одржани на 7 јуни, додека Абдиџику изјави дека ДСК бара позиција претседател на Косово и дека нема да има договор додека не се постигне институционална рамнотежа.

Курти вчера ѝ ја понуди на Демократската партија на Косово (ДПК), најсилната опозициска партија, позицијата претседател на собранието доколку ДПК учествува во гласањето за претседател на републиката, но ДПК ја отфрли понудата.

Конститутивната седница на собранието беше прекината во четвртокот откако беа потврдени мандатите на пратениците, бидејќи Курти не предложи кандидат за претседател на собранието, што треба да го направи Самоопределување бидејќи има најмногу мандати.

Потоа побара дополнително време за дискусии за изборот.

Поврзани содржини