РАКЕТА ГО ПОГОДИ ХЕРМЕЛИНОТ, НА „ТИГРИТЕ“ ИМ ТЕЧЕШЕ КРВ ОД УШИТЕ Стојанче Ангелов се присети на двете заседи кај Карпалак

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, по повод 25-годишнината од заседата кај Карпалак, преку објава на неговиот Фејсбук профил се присети на двете заседи кај Карпалак - првата кон крајот на јули врз припадници на полициската единица „Тигри“ и на втората, во која на 8 август 2001 година загинаа 10 армиски резервисти од Прилеп.

262

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, по повод 25-годишнината од заседата кај Карпалак, во која на 8 август 2001 година загинаа 10 македонски бранители од Прилеп, преку објава на неговиот Фејсбук профил се присети на двете заседи кај Карпалак.

Првата заседа била извршена на крајот на јули врз припадници на полициската единица „Тигри“, а втората врз колона армиски резервисти на 8 август 2001 година, за време на воената криза и борбите меѓу македонските бранители и тогашната Ослободителна народна армија (ОНА).






Ангелов наведува дека на крајот на јули 2001 година, вод од единицата „Тигри“ со 4 оклопни возила „Хермелин“ и едно теренско возило „Пинцгауер“ бил упатен кон Тетовско за извлекување на опколена полициска единица.

Според неговото сведоштво, при минување низ месноста Карпалак врз колоната бил отворен силен оган од стрелечко оружје, минофрлачки гранати и рачни противтенковски фрлачи. Тој посочува дека припадниците на единицата успеале да се пробијат низ заседата и покрај оштетувањата на возилата и повредите што ги претрпеле.

Во објавата Ангелов го издвојува дејствувањето на тогашниот командир на водот Васко Стамевски, возачот Раде Колев и припадникот на единицата Мите Глигоров, оценувајќи дека благодарение на обуката, тимската работа и оклопната заштита, сите специјалци останале живи.

„Насилно, без сопирање, со многу избушени гуми, тигрите со голема брзина се пробивале низ заседата на УЧК.
Во еден момент, хермелинот во кој се наоѓал командирот херој Васко Стамевски, бил погоден со ракета од РПГ. Силната детонација го пробила оклопот на возилото, а врелиот огнен млаз од ракетата влегол во внатрешноста на возилото. Од силниот притисок на повеќето тигри им биле оштетени ушните тапанчиња и почнала да им тече крв од ушите. Нецелосно затворената странична врата на хермелинот врз која паднала вреќичка со песок и која поради брзање не успеале да ја затворат до крај, овозможила да се намалили внатрешниот притисок од детонацијата и најверојатно им го спасила животот. Во истиот момент, неотворен сандак со куршуми за автоматски пушки, од пламенот на експлозијата се запалил и силно почнал да гори. Околу него имало куп други сандаци со разни типови на куршуми и експлозивни средства вклучително и рачни бомби, ракети за РПГ, зољи, гранати за автоматски фрлачи на гранати, итн… Од силината на експлозијата возачот херој Раде Колев делумно ја изгубил свеста. Командирот херој Васко Стамевски почнал да вика по возачот, барајќи од него да продолжи да стиска на педалата за гас, а тој се фрлил на воланот помагајќи му во одржување на правецот на движење.
Истовремено тигарот херој Мите Глигоров, брзо отворил шише кисела вода и почнал да истура врз запалениот сандак со муниција чиј пламен се разгорувал многу брзо силно чадејки. Во секој момент хермелинот можел да летне во воздух“, пишува Ангелов.

Осврнувајќи се на настаните од 8 август 2001 година, Ангелов потсетува дека на истата локација во заседа била нападната колона возила со припадници на армискиот резервен состав кои се движеле кон тетовскиот регион. Во нападот загинаа 10 припадници на резервниот состав на Армијата: Ердован Шабаноски, Веби Рушидоски, Марко Деспотоски, Дарко Вељаноски, Горан Миноски, Пеце Секулоски, Љубе Грујоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски и Нане Наумоски.

 

 

БЛАДОДАРНОСТ И ДЛАБОКА ПОЧИТ ЗА ЗАГИНАТИТЕ БРАНИТЕЛИ КАЈ КАРПАЛАК Одбележана 25-годишнината од загинувањето на прилепските резервисти

Поврзани содржини