ЕВРОПСКИТЕ АЕРОДРОМИ ПОВРЕМЕНО ГО ИСКЛУЧУВААТ ЕЕС Новиот систем создава хаос, патниците чекаат со часови

Европските аеродроми привремено ги суспендираат биометриските проверки кога редиците стануваат предолги, а девет земји бараат продолжување на оваа можност и по 6 септември.

66

Големите европски аеродроми повремено го деактивираат европскиот Систем за влез и излез (EES) кога поради големиот број патници доцнењата стануваат преголеми, објави италијанскиот економски весник „Ил Соле 24 Оре“.

Според податоците на повеќе аеродроми и авиокомпании, системот ЕЕС го забавува протокот на патници и создава долги редици, особено во летниот период кога бројот на патувања е најголем. Поради тоа, во одредени ситуации привремено се суспендираат биометриските проверки.






Таквата можност е предвидена со прописите на Европската Унија. Европската комисија дозволи привремена суспензија на земањето биометриски податоци до 6 септември во случај на вонредни околности.

Сепак, Италија, Франција, Германија, Белгија, Холандија, Грција, Малта, Португалија и Швајцарија веќе побараа оваа можност да остане во сила и по истекот на рокот.

Во писмо до европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, тие наведуваат дека остануваат посветени на целосната примена на системот, но предупредуваат дека досегашното искуство покажало дека во исклучителни ситуации може да дојде до сериозни нарушувања во патничкиот сообраќај.

Како пример се наведува случајот на миланскиот аеродром Линате, каде што во април повеќе од 120 патници останале заглавени поради доцнења поврзани со системот ЕЕС. Од 156 патници за летот кон Манчестер, само 34 успеале навреме да се качат во авионот.

Системот ЕЕС, кој беше воведен како дел од мерките за зајакнување на безбедноста по терористичките напади во Европа, постепено почна да се применува од октомври 2025 година во 29 европски држави, а целосно е оперативен од 10 април годинава.

Станува збор за автоматизиран систем кој ги регистрира државјаните на трети земји што престојуваат до 90 дена во период од 180 дена секојпат кога ги преминуваат надворешните граници на државите што го применуваат системот.

Под државјани на трети земји се подразбираат лица кои немаат државјанство на земја членка на Европската Унија, Обединетото Кралство, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка или Швајцарија.

Целта на системот е постепено да ги замени печатите во пасошите со електронска евиденција, да ја подобри контролата на надворешните граници, да помогне во спречување на илегалната миграција и да ја зајакне безбедноста во Шенген-зоната.

Европската комисија оценува дека по завршувањето на почетната фаза на прилагодување системот ќе придонесе за побрзи гранични проверки, иако претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, неодамна призна дека сè уште постојат технички проблеми.

Според проценките на Брисел, по целосната оптимизација на системот, обработката на патниците би требало да трае само неколку десетици секунди до неколку минути, во зависност од видот на контролата.

Минатиот месец европскиот комесар Магнус Брунер соопшти дека од почетокот на примената на системот се регистрирани речиси 110 милиони влезови и излези. Благодарение на ЕЕС, откриени биле околу 45.000 лица со лажни или фалсификувани документи, а на 1.100 лица им бил одбиен влез во Европската Унија поради безбедносен ризик, меѓу кои и лица поврзани со тероризам.

Поврзани содржини