ВОЗАЧИТЕ СЕ ДЕПОРТИРААТ, КАМИОНИТЕ ОСТАНУВААТ НА ГРАНИЦА Шенген и понатаму ги блокира превозниците, нема решение за правилото 90/180

Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора најавија нов состанок, откако Европската комисија не одговори на нивното барање за изземање од правилото 90/180.

52

Европската комисија сè уште не понудила решение за укинување на ограничувањето на престојот на професионалните возачи на камиони од Западен Балкан во земјите од Шенген-зоната, изјави претседателот на Здружението за меѓународен транспорт на Србија, Неѓо Мандиќ.

Тој за агенцијата Бета изјави дека состанокот со претставници на надлежниот директорат на Европската Унија, на кој треба да се разговара за изземање на возачите во меѓународниот транспорт од правилото 90/180, најверојатно ќе се одржи кон крајот на следната недела.






Според Мандиќ, здруженијата на превозници од Србија, Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора испратиле писмо до Европската Унија со барање средбата да се одржи во Белград или Брисел, но најверојатно разговорите ќе бидат организирани онлајн, што, според него, не е најсоодветен формат за решавање на овој проблем.

Тој додаде дека тројца директори од Директоратот за мобилност и транспорт на Европската комисија се на годишен одмор до 12 август, поради што разговорите ќе бидат одложени.

– Возачите кои ќе бидат затекнати во Шенген-зоната и натаму се депортираат, а камионите се задржуваат, и покрај договорот од 10 април со кој беше предвидено да се избришат деновите поминати во Шенген до тој датум и да започне ново броење. Возачите кои веќе ја исполниле квотата од 90 дена во последните шест месеци и понатаму не можат да влезат во Хрватска, Унгарија или Романија – изјави Мандиќ.

Тој потсети дека правилото 90/180, кое почна да се применува во октомври 2025 година, практично ги изедначило професионалните возачи во меѓународниот транспорт со туристите, иако тие престојуваат во земјите од Шенген исклучиво поради работа.

На крајот на јануари годинава превозниците од Србија и Босна и Херцеговина четири дена ги блокираа товарните терминали на граничните премини, но и покрај протестите не беше пронајдено решение.

Превозниците од Западен Балкан побараа Европската комисија до 10 август годинава да предложи конкретно решение, но одговор не добија.

Поради тоа, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 11 август ќе одржат регионален состанок во Македонија, на кој ќе ги разгледаат следните чекори и можните заеднички активности.

Поврзани содржини