„ЕКОНОМСКИТЕ ЕКСПЕРТИ“ НА СДСМ НА УДАР Стојаноски тврди дека фактите ја демантираат опозицијата

Пратеникот Бојан Стојаноски тврди дека најновите статистички показатели покажуваат пад на инфлацијата, раст на извозот, индустриското производство и БДП, оценувајќи дека тие ги демантираат критиките на СДСМ.

0

Стојаноски: Инфлацијата падна на 2,3 проценти, економските показатели покажуваат позитивен тренд

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, преку објава на социјалните мрежи ги објави, како што вели, најновите економски показатели, оценувајќи дека тие ја демантираат, како што ја нарече, „кампањата на СДСМ и нивните економски експерти“.






Стојаноски истакна дека на, како што наведе, „лажните тези и хистеријата“ треба да се одговара исклучиво со факти и официјални бројки.

– Стратегијата на тој талог е едноставна – креирање лажна кампања со тотално лажни и неточни тези, а потоа создавање хистерија која е далеку од вистината. Затоа е важно да се одговара со факти и аргументи – наведува Стојаноски.

Тој се повикува на најновите податоци на Државниот завод за статистика, според кои годишната инфлација во јули 2026 година изнесува 2,3 проценти, што претставува значително намалување во споредба со претходните месеци. Според него, од април, кога инфлацијата достигнала 5,7 проценти, до јули стапката е намалена за 3,4 процентни поени, односно за околу 60 проценти.

Стојаноски посочува дека во јули цените на храната и безалкохолните пијалаци се намалиле за 1,1 процент во однос на јуни, додавајќи дека намалувањето на инфлацијата се случува во услови на, како што наведува, најголема енергетска криза.

Во својата објава тој прави споредба со 2022 година, кога, според него, СДСМ ја водела Владата.

– Во периодот март – јули 2022 година просечната годишна стапка на инфлација изнесувала 12,34 проценти, додека во истиот период годинава е 4,22 проценти. Тоа значи дека денес растот на цените е приближно трипати понизок – наведува Стојаноски.

Тој тврди дека позитивните движења не се ограничуваат само на инфлацијата, туку дека економската активност бележи раст. Посочува дека извозот во првите шест месеци од годинава е зголемен за околу осум проценти, индустриското производство во јуни пораснало за 6,5 проценти, преработувачката индустрија за 7,9 проценти, а бруто-домашниот производ во првиот квартал бележи раст од 3,1 процент.

Стојаноски додава дека бројот на вработени е зголемен, стапката на невработеност е намалена од 11,7 на 11,3 проценти, а раст има и кај даночните и вкупните буџетски приходи.

– Инфлацијата се намалува. Извозот расте. Индустриското производство расте. Вработеноста расте. БДП расте. Приходите во Буџетот растат. Бројките покажуваат дека економијата се движи во позитивна насока – истакнува Стојаноски.

Тој нагласува дека, и покрај позитивните показатели, ценовните притисоци не се целосно исчезнати и животниот стандард останува приоритет.

– Намалувањето на инфлацијата не значи дека цените се вратени на старото ниво, туку дека нивниот раст значително забавува. Ќе продолжиме со политики насочени кон заштита на животниот стандард, поддршка на домашната економија, нови инвестиции, поголем извоз и отворање нови работни места – порача пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини