ПУКАА НА СВАДБА, А СЕГА ГИ ГОНИ ОБВИНИТЕЛСТВО Се бара притвор за четири лица од Добри Дол

Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против четири лица од селото Добри Дол, осомничени дека на свадбена прослава пукале во воздух со три пиштоли и една пушка, со што предизвикале општа опасност.

82

Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против четири лица од селото Добри Дол, општина Врапчиште, поради сомнение дека сториле кривично дело „Предизвикување општа опасност“ според член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, осомничените на 31 јули вечерта, за време на свадбена прослава во дворно место од семејна куќа во селото, употребиле огнено оружје и пукале во воздух.






Како што информираат од ОЈО Гостивар, станувало збор за три пиштоли и една пушка од непозната марка и калибар, со кои осомничените испукале куршуми, со што биле доведени во опасност животите на поголем број присутни гости на прославата.

Поради постоење околности кои укажуваат на опасност од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во Гостивар доставил предлог за определување мерка притвор за четворицата осомничени.

Од обвинителството посочуваат дека кај еден од осомничените постои и дополнителен ризик, бидејќи покрај македонско државјанство има и словенечко државјанство.

Постапката продолжува, а надлежните органи ќе утврдуваат дополнителни детали за целиот настан.

Поврзани содржини