ФАТЕНИ БЕЗ ДОЗВОЛА И СО АЛКОХОЛ ЗАД ВОЛАН Полицијата лиши од слобода 34 несовесни возачи
МВР спроведе засилени контроли низ цела Македонија. Најголем број од санкционираните возачи управувале без возачка дозвола, а дел биле фатени под дејство на алкохол.
Во текот на изминатиот викенд, полицијата лишила од слобода 34 лица поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, информира Министерството за внатрешни работи.
Контролите биле спроведени во периодот од 31 јули до 2/3 август 2026 година на целата територија на државата.
Од МВР информираат дека најголем дел од приведените возачи, односно 23 лица, управувале моторно возило без возачка дозвола. Девет лица биле лишени од слобода затоа што возеле под дејство на алкохол, едно лице управувало нерегистрирано возило и без возачка дозвола, додека едно лице било затекнато како вози без дозвола и под дејство на алкохол.
„По целосно документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави“, соопшти МВР.
Од Министерството апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите и да не управуваат возила без возачка дозвола, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол.
„Одговорното однесување во сообраќајот е заедничка обврска и клучен предуслов за поголема безбедност на сите граѓани“, велат од МВР.
Од полицијата посочуваат дека контролите за санкционирање на несовесните возачи ќе продолжат и во следниот период, со цел намалување на сообраќајните прекршоци и зголемување на безбедноста на патиштата.