ПОЛИЦИЈАТА АПСЕШЕ ДИЛЕРИ, НАЈДЕНИ ХЕРОИН, КОКАИН… Над 70 приведени за една недела, меѓу нив и странски државјани
Во акциските контроли спроведени низ целата држава биле лишени од слобода и приведени повеќе од 70 лица, а запленети се различни видови наркотични дроги, дробилки и други предмети поврзани со трговија и употреба на дрога.
Министерството за внатрешни работи во текот на изминатата недела спроведе засилени акции против недозволената трговија со дрога, при што на територијата на целата држава биле лишени од слобода и приведени повеќе од 70 лица.
Според информациите од МВР, акциските контроли биле реализирани во периодот од 27 јули до 2 август 2026 година, поради сомнение за сторени кривични дела и прекршоци поврзани со недозволена трговија и поседување наркотични дроги.
„При преземените мерки, кај лицата биле пронајдени и одземени различни видови наркотични дроги, меѓу кои бела прашкаста материја, кафеава прашкаста материја, хашиш и марихуана, како и дробилки и други предмети поврзани со употреба и дистрибуција на дрога“, соопшти МВР.
Кај дел од осомничените, по наредба на надлежен суд, биле извршени и претреси, при што биле пронајдени дополнителни докази поврзани со кривичните дела.
Меѓу приведените има и странски државјани, односно лица од Белгија, Турција и Германија.
По целосното документирање на сите случаи, против инволвираните ќе бидат поднесени соодветни кривични и прекршочни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи нагласуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со интензивни активности за сузбивање на недозволената трговија со дрога и откривање на сторителите, со цел заштита на безбедноста на граѓаните и одржување на јавниот ред и мир.