ГРЦИЈА ГИ КАЗНУВА И БАВНИТЕ ВОЗАЧИ Глоба и за оние што возат преспоро, не само за брзите
Македонските туристи кои патуваат во Грција треба да знаат дека на автопатите постои и минимална дозволена брзина, а возачите кои го попречуваат сообраќајот може да бидат казнети со 30 евра.
Македонските туристи кои често патуваат во Грција треба да бидат внимателни не само со ограничувањата за максимална брзина, туку и со правилата за минимална брзина. Во соседната земја казна може да добијат и возачи кои се движат премногу бавно и со тоа го попречуваат сообраќајот.
Според грчките сообраќајни правила, возачите не смеат да создаваат пречки за нормалното одвивање на сообраќајот. За прекршување на ова правило е предвидена глоба од 30 евра.
Посебно внимание треба да се обрне на автопатите и експресните патишта, каде што покрај максималната постои и минимална дозволена брзина.
Возилата на овие патишта не треба да се движат со брзина пониска од 70 километри на час. Доколку некое возило не може да ја постигне оваа брзина поради своите карактеристики или состојба, возачот треба да користи друг пат каде што побавното движење нема да го нарушува сообраќајот.
Знакот за минимална брзина во Грција е кружен, со сина подлога и бел број што ја означува најниската дозволена брзина.
Според член 23 од грчкиот Закон за сообраќај, возачите се должни да не го попречуваат нормалниот тек на сообраќајот.
Сепак, постојат и исклучоци. Казна не се изрекува доколку намалената брзина е предизвикана од лоша состојба на патот, неповолни временски услови, густа магла, дожд, снег или голема сообраќајна гужва, кога забавувањето е неопходно за безбедност.
Со оглед на тоа што голем број македонски граѓани во текот на летото и викендите патуваат кон грчките летувалишта, се препорачува внимателно да ги следат сообраќајните знаци и локалните правила за да избегнат непотребни казни.