ТОПЛОТО ВРЕМЕ ЈА МЕНУВА ТУРИСТИЧКАТА КАРТА Луѓето сè повеќе се насочуваат кон север во замена за Медитеранот

Екстремните топлотни бранови низ Европа ги насочуваат туристите кон посвежи дестинации на северот, но експертите сметаат дека Медитеранот и понатаму ќе остане најпосакуваната летна туристичка област.

133

Екстремните топлотни бранови што ја зафатија Европа ова лето сè повеќе ги менуваат туристичките навики, па голем број туристи наместо традиционалните медитерански дестинации избираат одмор во посвежите северни земји. Трендот, познат како „кулкејшн“ (coolcation), отвора прашање дали станува збор за привремена појава или за почеток на долгорочна промена во европскиот туризам, пишува Еуроњуз.

Додека температурите во јужна Европа редовно достигнуваат и надминуваат 40 степени Целзиусови, сè повеќе туристи се одлучуваат за земји каде што летото е посвежо. Во југоисточна Шведска туристичкиот водич Терје Виблом Педерсен вели дека многу посетители му признаваат дека дошле токму за да избегаат од жештините во јужниот дел на континентот.






– Ги привлекуваат температурите што ретко надминуваат 30 степени, свежиот морски ветер и значително помалите гужви – објаснува тој.

Француските туристи Даниел и Флоренс Гасталди, кои неодамна се пензионирале, за време на посетата на Стокхолм изјавиле дека изборот на Шведска бил поради екстремните горештини во Марсеј.

– Добро е што избегавме од топлотниот бран. Пресреќни сме што конечно уживаме во пониски температури – велат тие.

Истражувањата на агенциите „Mabrian“ и „Data Appeal“ покажуваат дека интересот за северните региони достигнал рекордно ниво во 2026 година. Освен Финска и норвешкиот регион Вестланд, туристите сè почесто ги избираат и северните делови на јужните држави, како што се Галисија во Шпанија, Трентино-Алто Адиџе во Италија, како и Нормандија и Алзас во Франција.

Според податоците на „Hotels.com“, пребарувањата за сместување во Копенхаген на француската верзија на платформата пораснале за 246 проценти по првиот топлотен бран во Франција, додека пребарувањата за Даблин се зголемиле за 151 процент.

Џона Робертсон, советничка во туристичката агенција „Fora Travel“ и основач на платформата „Coolcation Adventures“, наведува дека резервациите за Осло пораснале за 154 проценти во споредба со минатата година, а за Хелсинки за 124 проценти.

– Овие бројки покажуваат дека туристите активно бараат алтернатива на традиционалните летни дестинации – истакнува Робертсон.

Во Франција расте и интересот за планинските одморалишта.

– На поголема надморска височина температурите навечер значително паѓаат, па престојот е многу попријатен – објаснува Жан-Паскал Шопар, директор на туристичката организација за францускиот планински регион Јура.

И покрај растечкиот интерес за северот, туристичките експерти сметаат дека Медитеранот нема лесно да ја загуби својата доминантна позиција.

Шведскиот професор и експерт за туризам Стефан Гослинг оценува дека температурата е само еден од факторите при изборот на дестинација.

– Луѓето не ги избираат местата само според времето. Културата, природата, цените и навиките имаат огромно влијание. Италија и Данска не можат директно да се споредуваат и затоа туристите тешко се откажуваат од омилените дестинации – вели Гослинг.

Сличен став имаат и во туристичката организација на Норвешка. Нивните анкети покажуваат дека приближно секој петти странски турист го наведува посвежото летно време како една од причините поради кои ја избрал Норвешка.

Експертите сметаат дека најверојатно нема да дојде до масовно напуштање на Медитеранот, туку до промена на периодот во кој се патува.

Популарноста на јужните туристички дестинации и натаму е огромна. Грција и Шпанија минатата година ги забележаа најуспешните туристички сезони во својата историја, а според организацијата „Exceltur“, туристичката потрошувачка во Шпанија во вториот квартал од 2026 година пораснала за повеќе од осум проценти.

Според Џона Робертсон, патувањата во медитеранските земји во иднина сè почесто би можеле да се префрлаат во пролетните и есенските месеци, кога температурите се попријатни, а туристичките гужви се значително помали.

Поврзани содржини