ТРАМП НАЈАВИ НОВИ ПРЕГОВОРИ Иран и САД повторно седнуваат на маса

По суспензијата на планираните американски напади, Доналд Трамп најави нов круг разговори со ирански претставници, но засега нема потврда од Техеран дека конечен договор е блиску.

40

Американскиот претседател Доналд Трамп најави нов круг разговори со ирански претставници, откако привремено се откажа од нови воени напади врз Иран.

Преговорите, според неговата најава, треба да се одржат денеска. Трамп ова го изјави пред новинарите во претседателскиот авион „Air Force One“, додека патуваше од Њу Џерси кон Вашингтон.






Тој не откри каде ќе се одржат разговорите, колку ќе траат, ниту кои претставници ќе учествуваат во нив, пренесува ДПА.

Трамп повтори дека американската војска во последен момент се откажала од плановите за нов бран напади врз Иран, по апелите од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар и од самиот Иран.

– Планираниот напад ќе беше најголемиот од Втората светска војна и ќе беше катастрофален за нив – изјави Трамп.

Според него, одлуката да ги откаже нападите била донесена откако американските сојузници го увериле дека договорот е на дофат, а Иран испратил сигнали дека сака дипломатско решение.

Иран и САД во средината на јуни постигнаа рамковен договор со цел да се стави крај на војната што започна кон крајот на февруари.

Двете страни се согласија деталите да бидат разработени во текот на 60-дневен преоден период, иако уште од самиот почеток постоеја сомнежи за одржливоста на договорот. Во меѓувреме, и покрај договорената рамка, двете земји извршија повеќе големи напади.

Трамп во саботата изјави дека го суспендирал новиот бран напади бидејќи биле договорени „рамките на договорот“.

Засега нема официјална потврда од Техеран дека конечен договор е на повидок, пренесува ДПА.

Поврзани содржини