РЕЧИСИ СЕКОЈ ОТКУП НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ Е ПОД НАДЗОР НА ИНСПЕКТОРИТЕ За половина години извршени се 22.000 надзори

Директорот на ДИЗ, Ивица Ангеловски вели дека иако нема доволно кадар инспекторите цела година се на терен.

38

Во првата половина на 2026 година Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) спроведе речиси 22.000 инспекциски надзори, во чии рамки, во делот на откупот, се издадени 409 решенија (наредби, опомени и задолженија) – рече денеска директорот на ДИЗ, Ивица Ангеловски.

Одговорајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата, тој истакна дека ДИЗ моментно се соочува со недостиг на кадар поради одливот на инспектори, кои одат во пензија.






– Инспекторатот во целост ги исполнува своите обврски. Континуирано на терен, во текот на целата година, во зависност која култура е актуелна за откуп. Постапуваме во согласност со Законот за земјоделството и руралниот развој и во текот на откупот нашите земјоделски инспектори ги следат условите што треба да ги исполнат откупните компании при процесот на откуп на земјоделски производи. Притоа се следи дали компаниите ги исполнуваат минимално-техничките услови за вршење откуп, дали поседуваат соодветни простории и опрема за вршење откуп, дали имаат верификувани мерни инструменти за откуп, како и други услови што треба да ги исполнат во согласност со законската регулатива – рече Ангеловски.

Тој, информира дека Инспекторатот се соочува со недостиг на кадар.

-Имаме евидентен одлив во однос на инспектори што одат во пензија и во наредниот период мора систематски да поработиме на тој дел, на вработување нов кадар што ќе ги покрива сите наши активности – рече Ангеловски.

Во однос на извозот, Ангеловски објасни дека ДИЗ е надлежен да ја контролира здравствената исправност на пратките.

– Извозот е активност што се одвива во текот на целата година. Ние како надлежен Инспекторат сме задолжени за фитосанитарна сертификација, односно за издавање извозен документ, кој ја потврдува здравствената исправност на пратките, и гарантираме дека тие пратки не се заболени, здравствено се исправни и ги исполнуваат условите за извоз – рече директорот на Инспекторарот.

Поврзани содржини