СО ПЛАНОТ ЗА БАРУТАНА НЕ СЕ ЗГОЛЕМУВА, ТУКУ СЕ НАМАЛУВА ОБЕМОТ НА ГРАДЕЊЕ НА ВОДНО Герасимовски уверува дека нема опасност од свлечишта
Неконтролираното и диво градење е главен ризик за појава на свлечишта и на ерозија, додека планското уредување обезбедува стабилност и безбедност, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Новиот детаљен урбанистички план за локалитетот Барутана на Водно не го зголемува, туку значително го намалува обемот на градење и воведува јасни правила за заштита на просторот, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој ги отфрли наводите за можни ерозии на земјиштето како нестручн.
– ДУП-от е дете на Генералниот урбанистички план на Скопје, кој е донесен со параметри што важат и денес. ГУП-от се темели на стручни проценки, снимања и анализи на теренот, вклучително и оние за ерозивноста – рече Герасимовски во интервју за Канал 5.
Тој нагласи дека неконтролираното и диво градење е главен ризик за појава на свлечишта и на ерозија, додека планското уредување обезбедува стабилност и безбедност.
Градоначалникот демантираше дека се зголемува бројот на градежни парцели, посочувајќи дека тие се преземени од претходниот план.
Според новиот нацрт-план, појасни, вкупната дозволена изградба се намалува од 43.429 квадратни метри на 29.459 квадратни, односно за 33%, максималната изграденост се ограничува на 40%, се дозволува само едно подземно ниво, а зелените површини се зголемуваат на 40%.
– Нема да има изигрувања како во случајот со „Панорамика“, каде се градеа повеќе лажни подземни нивоа. Со овој план се дозволува само едно подземно ниво за паркирање, со што се гарантира дека такви злоупотреби нема да се повторат – истакна Герасимовски.
Тој информираше дека е во постојан контакт со реномирани експерти од струката.
– Имавме консултации со стручни лица и градежници, денеска се сретнав со професорот и екс градоначалник Мирослав Грчев. Тој укажа дека многу нестручни лица си даваат слобода да коментираат без елементарно познавање на материјата – рече градоначалникот.
Герасимовски нагласи дека станува збор за план кој има континуитет со постојните решенија.
– Се создаде непотребна фама. Ова не е нов план, туку ДУП кој постои од 2002 година. Ние не го зголемуваме обемот на градење, туку го уредуваме просторот и воведуваме јасни правила – истакна тој.