🎥 И ВО ТУРЦИЈА БЕСНЕАТ ГОЛЕМИ ПОЖАРИ Предупредување дека може да гори цела Европа стаса од Брисел

Најмалку 7 провинции, вклучувајќи ги и туристичките центри Анталија и Мугла, денеска пријавија активни шумски пожар во Турција, додека пожарите во 3 други градови се ставени под контрола.

65

Шумски пожари денеска избувнаа ширум западна Турција, уништувајќи повеќе домови и принудувајќи на евакуации и затворање патишта, додека пожарникарите се борат со огнените стихии.

Властите предупредија на опасноста од ширење пожарите поттикнати од екстремните температури и силните ветрови.






Најмалку 7 провинции, вклучувајќи ги и туристичките центри Анталија и Мугла, денеска пријавија активни шумски пожари, додека пожарите во 3 други градови се ставени под контрола, јави државната новинска агенција Анадолија.

Во западната провинција Балкесир, властите превентивно евакуираа 210 домови во областа Едремит, изјави гувернерот Исмаил Устаоглу.

Друг пожар избувна во областа Сејдикемер во егејската провинција Мугла, каде што беа евакуирани 65 жители од 43 домаќинства, а од претпазливост беше испразнета и државната болница, соопшти кабинетот на гувернерот. Пожарот почнал на земјоделско земјиште, по што се проширил на блиската шума.

Сите пациенти од државната болница во Сејдикемер се безбедно префрлени во блиските болници како мерка на претпазливост, соопшти министерот за здравство Кемал Мемишоглу.

Југоисточно од Мугла, во Анталија, шумскиот пожар стигна до станбените области во населбата Јазитир во областа Кумлуџа, каде што пламенот уништи неколку домови, а жителите беа принудени да бегаат заедно со својот добиток.

Властите исто така ги затворија патиштата кон туристичките места Адрасан и Олимп.

Шумски пожари денеска беа одделно пријавени и во западните провинции Ајдин, Балкесир, Ќутахија, Чанаккале и Јалова, јужно од Истанбул.

За ставање под контрола на пожарот во Мугла, властите ангажираа 5 противпожарни авиони, 12 хеликоптери и 373 припадници на службите, додека хеликоптери и бројни противпожарни возила беа испратени на пожарот во Анталија.

Автопатот Анталија-Сејдикемер беше затворен поради густиот чад.

-Екстремната топлина, силните ветрови и сувото време се главните причини за избувнувањето на шумските пожари – изјави гувернерот на Анталија, Хулуси Шахин.

Турската државна метеоролошка служба за утре предвидува температури од 39 степени Целзиусови во Анталија и 36 степени во Мугла.

Со денови беснеат големи шумски пожари во Франција, Шпанија и во Португалика, како и во Италија и во Грција.

Функционерка на ЕУ предупреди дека ризикот од големи пожари во Европа брзо расте, постои опасност големите пожари во Шпанија да се прошират на поголемиот дел од континентот до почетокот на август. Марија Зубер, раководителка на Европскиот центар за координација на итни интервенции (ERCC), рече дека следните земји со зголемен ризик се Грција, Италија и делови од централна Европа.

Таа нагласи дека наредните денови ќе бидат многу тешки за Франција.

– Ако пожарите во Португалија и во Шпанија не бидат ставени под контрола дотогаш, цела Европа би можела да биде во пламен – предупреди таа.

Според неа, сезоната на пожари во 2026 година би можела да стане најлошата во европската историја, надминувајќи го минатогодишниот рекорд. Ова се должи на обилните дождови во текот на зимата и пролетта, кои поттикнаа раст на бујна вегетација, додека летните топлотни бранови и продолжената суша ја претворија таа вегетација во лесно запаливо гориво.

Поврзани содржини