ФАУЧИ НЕ ОДГОВАРАШЕ НА ПРАШАЊАТА НА СОСЛУШУВАЊЕТО НА СЕНАТОТ ЗА ПОТЕКЛОТО НА ПАНДЕМИЈАТА СО КОВИД-19 Се повика на правото да молчи
Поранешниот директор на Националниот институт за алергија и инфективни болести на САД Ентони Фаучи, кој се појави на сослушувањето по судска покана издадена од републиканскиот сенатор Ранд Пол, на почетокот рече дека единствената цел на постапката е да биде вовлечен во ситуација што би можела да доведе до негово кривично гонење и се повика на Петтиот амандман од Уставот на САД.
Поранешниот директор на Националниот институт за алергија и инфективни болести на САД, Ентони Фаучи, денеска на сослушување во американскиот Сенат повеќепати се повика на правото од Петтиот амандман од Уставот на САД, одбивајќи да одговара на прашањата на републиканските сенатори поврзани со потеклото на ковид-19 и неговото постапување за време на пандемијата со коронавирусот.
Тој беше сослушан пред Комитетот за татковинска безбедност и владини работи.
Фаучи, кој се појави на сослушувањето по судска покана издадена од претседавачот на комисијата, републиканскиот сенатор Ранд Пол, на почетокот рече дека смета оти единствената цел на постапката е да биде вовлечен во ситуација што би можела да доведе до негово кривично гонење.
– Единствениот заклучок до кој можам да дојдам е дека единствената причина зошто ме повикува пред оваа комисија е да ме наведе да кажам нешто, што било, што би ги потврдило неговите повторувани јавни ветувања дека на крајот ќе завршам зад решетки – рече Фаучи.
Додаде дека, по совет на своите адвокати, ќе го искористи правото од Петтиот амандман и нема да одговара на прашањата.
Во текот на повеќечасовното сослушување, Фаучи на секое прашање одговараше со истата формулација:
– По совет на адвокатот, со должна почит одбивам да одговорам врз основа на моите права од Петтиот амандман од Уставот.
Сенаторот Ранд Пол оцени дека Фаучи ја злоупотребил својата функција и повторно ги изнесе обвинувањата дека Националниот институт за алергија и инфективни болести финансирал истражувања кои, според него, придонеле за појавата на пандемијата.
– Помилувањето што заштитува некое лице од кривично гонење не ја препишува историјата поинаку. Тоа не ги брише документите, не претвора изјава која доведува во заблуда во вистинита и не го спречува Конгресот да утврди што се случило – нагласи Пол.
Според него, Фаучи помогнал да се финансира истражување што довело до „најголемата вештачка чума во човечката историја“. Републиканецот од Кентаки со години повикува да се подигне обвинение против Фаучи и го обвинува дека лажел пред Конгресот за тоа дали Националниот институт за здравство финансирал истражувања во Вухан во Кина, како и дека помагал во прикривањето на потеклото на ковид-19.
Фаучи ги отфрла двете обвинувања и инсистира на тоа дека во повеќе наврати вистинито сведочел пред Конгресот за тие прашања.
Повеќе републикански сенатори денеска на сослушувањето го обвинија Фаучи дека ја нарушил довербата на јавноста во здравствените институции.
Според сенаторите од редовите на Демократската партија, пак, сослушувањето на Фаучи е организирано со цел тој да биде „вовлечен во стапица“. Тие рекоа дека комисијата треба да се фокусира на актуелните безбедносни предизвици, наместо повторно да ги отвора расправиите за пандемијата.
Во текот на сослушувањето, дел од демократските сенатори ја напуштија салата, по што републиканските членови на комисијата продолжија со критиките кон поранешниот здравствен функционер.
Денешното сослушување следи откако сенаторот Пол објави околу 1.100 страници од дневникот на Фаучи од периодот на пандемијата,.
„Бројни записи во дневниот историски приказ на Фаучи целосно ја поткопуваат официјалната приказна што Фаучи и другите функционери за јавно здравство ја застапуваа“, изјави сенаторот.
Американскиот министер за здравство, Роберт Ф. Кенеди Помладиот и чест критичар на Фаучи во понеделникот рече дека му ги предал документите на сенаторот откако ги пронашол на владините сервери.
Републиканците подолг период тврдат дека Националниот институт за здравство финансирал истражувања во Институтот за вирусологија во Вухан, кои, според нив, можеби придонеле за појавата на пандемијата.
Фаучи повеќепати ги отфрли овие обвинувања, наведувајќи дека, според официјалната дефиниција на американската влада, Националниот институт за здравство не финансирал такви истражувања поврзани со коронавирусот.
Фаучи беше еден од главните советници на американските власти за време на пандемијата на ковид-19 и ја предводеше Националната институција за алергија и инфективни болести речиси четири децении.
Федералните истраги досега не донесоа конечен заклучок за потеклото на коронавирусот, а не е утврден доказ дека тој бил генетски модифициран и испуштен од лабораторија.
ФБИ во 2023 година објави дека истекувањето од лабораторија во централниот кинески град Вухан најверојатно ја предизвикало пандемијата, што Кина го отфрли истакнувајќи дека тоа тврдење „нема никаква веродостојност“.
ЦИА во јануари 2025 година ја промени својата проценка и заклучи дека истекувањето од лабораторија е веројатна причина, но со „низок степен на сигурност“, додека четири други американски разузнавачки агенции и Националниот разузнавачки совет сметаат дека вирусот најверојатно настанал преку природен пренос.