МЕРЦ ПОБАРА ДА СЕ СКРАТАТ СТОТИЦИ МИЛИЈАРДИ ЕВРА ОД ИДНИОТ БУЏЕТ НА ЕУ Не го прифаќа предлог-буџетот од 1,76 трилион евра

Вака широко и големо проширување на европскиот буџет за нас е неприфатливо. Бројките не се балансирани, вели германскиот канцелар Фридрих Мерц.

150

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги повика институциите на ЕУ нејзиниот буџет за претстојните години да биде помал за неколку стотици милијарди евра во споредба со предлогот на Европската комисија.

Тој на средбата со ирскиот премиер Михол Мартин во Даблин истакна дека мора да се направат кратења во сите области.






– Овие кратења се од суштинско значење, без оглед на тоа колку ќе напредуваме со новите сопствени ресурси – рече Мерц.

Буџетот на ЕУ е едно од политички најчувствителните прашања во Брисел. Тој се утврдува за период од 7 години, а во моментов се водат преговори за буџетот за периодот од 2028 до 2034 година.

Овој обемен фонд првенствено се финансира со удел од бруто-националниот доход на земјите членки. Како најголема економија во ЕУ, Германија плаќа убедливо најголем придонес.

Европската комисија предлага околу 1,76 трилион евра (1.760 милијарди евра) – приспособени за инфлацијата по цени од 2025 година – да се искористат за разни проекти на ЕУ, вклучувајќи набавка за одбраната, земјоделската политика, струтурното финансирање и програмата за размена „Еразмус“.

Мерц одлучно го одби предлогот на Комисијата и компромисниот предлог што моментално е на маса, а кој предвидува само минимални кратења.

– Вака широко и големо проширување на европскиот буџет за нас е неприфатливо. Бројките не се балансирани – изјави тој.

Ирска во јули го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ и затоа е одговорна за дводење на преговорите за буџетот. Се очекува Ирска да претстави нов компромисен предлог во октомври.

– Верувам дека ти, драг Михол, ќе излезеш со реалистичен предлог – рече Мерц, обраќајќи му се на ирскиот премиер.

Поврзани содржини