ЕУ И УКРАИНА ЗАЕДНО ЌЕ ПРОИЗВЕДУВААТ 20 МИЛИОНИ ДРОНОВИ ГОДИШНО! Потпишан договор за соработка во Киев

Европа веќе има огромни технолошки и индустриски капацитети што можат да се користат – изјави Урсула фон дер Лајен.

58

ЕУ и Украина потпишаа договор за заедничко производство на беспилотни летала – иницијативата чија цел е да ја комбинира индустриската база на ЕУ со борбеното искуство што Украина го стекна во повеќе од четири години одбрана од руската агресија, објави „Euronews“.

Договорот беше претставен денеска, среда, во Киев од претседателката на Европската комисија, од Урсула фон дер Лајен, и украинскиот претседател Володимир Зеленски.






– Европа веќе има огромни технолошки и индустриски капацитети што можат да се користат. Исто така, имаме безбедни производствени капацитети што можат да помогнат во зголемувањето на производството. Но, она што го немаме е борбеното знаење и експертиза што Украина го стекна. Затоа треба да ги здружиме силите. Заедно можеме да работиме на заедничко производство – изјави Фон дер Лајен во својот говор.

Беспилотните летала се покажаа како клучни во напорите на Киев да го пополни недостигот од воена сила и да изврши напади со долг дострел врз руските рафинерии за нафта, што предизвика криза со горивото во Русија.

– Произведуваме 10 милиони беспилотни летала годишно, а ќе произведуваме 20 милиони. Украина фундаментално го промени бојното поле за прв пат – рече Зеленски за време на церемонијата по повод Денот на украинската државност на плоштадот Свети Михаил во Киев.

Финансирањето на проектот ќе дојде од два извори во рамките на ЕУ: заем од 90 милијарди евра за Украина и програмата за одбрана SAFE, на која ѝ остануваат околу 10 милијарди евра.

Иако неколку земји-членки на ЕУ веќе потпишаа индивидуални договори со Украина за да ја искористат нејзината технолошка инвентивност, овој договор дава поширока димензија на соработката со тоа што ја отвора за сите членови на блокот.

Поврзани содржини