БРТ ВЛЕГУВА ВО ФАЗА НА РЕАЛИЗАЦИЈА Ѓорѓиевски со ЕБОР ги договори следните чекори за брзиот автобуски превоз во Скопје
По средбата со Европската банка за обнова и развој, Град Скопје соопшти дека се завршени финалните координации и дека проектот Брз автобуски превоз влегува во фаза на реализација.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари работна средба со тимот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Македонија, предводен од директорот Фатих Туркменоглу, на која беа направени финалните координации за реализацијата и оптимизацијата на проектот Брз автобуски превоз (БРТ).
Од Град Скопје информираат дека со завршувањето на координациите, проектот БРТ влегува во фаза на реализација и претставува значаен чекор кон создавање поефикасен, поодржлив и поквалитетен систем на јавен транспорт во главниот град.
На средбата била потврдена заедничката определба за успешно спроведување на проектот, кој се оценува како една од најзначајните инвестиции во модернизацијата на јавниот превоз во Скопје.
„По преземањето на мандатот, преку интензивна координација со Владата на Република Македонија, Министерството за транспорт, Министерството за финансии, ЕБОР и останатите надлежни институции, беа надминати долгогодишните пречки што го блокираа проектот и беа создадени услови за негова реализација“, соопшти Град Скопје.
Од локалната самоуправа посочуваат дека БРТ системот треба да обезбеди побрз, побезбеден и посигурен јавен превоз, а истовремено да придонесе за намалување на сообраќајниот метеж и подобрување на квалитетот на воздухот во градот.
Од Град Скопје нагласуваат дека реализацијата на проектот нема да значи уништување на постојното булеварско зеленило.
„Проектот нема да се реализира на сметка на постојното булеварско зеленило. Напротив, предвидени се нови зелени површини и дополнително хортикултурно уредување, со што ќе се обезбеди помодерен, позелен и похуман урбан простор“, велат од Град Скопје.
Брзиот автобуски превоз е дел од пошироката стратегија за модернизација на јавниот транспорт во Скопје. Паралелно, како што информираат од градската администрација, се работи и на воведување градски воз во соработка со Министерството за транспорт, набавка на 100 нови автобуси преку Владата, како и оптимизација на автобуската мрежа.
Целта е создавање интегриран, функционален и современ систем на урбана мобилност кој ќе одговори на потребите на граѓаните.