СТРАШЕН СУДИР ВО СКОПЈЕ Пет лица повредени во силен судир, едно е во тешка состојба
Во сообраќајната несреќа на улицата Лазар Личеновски се повредени пет лица, од кои едно се здобило со тешки телесни повреди. Повредените се пренесени во две скопски болници, а полицијата изврши увид.
Едно лице се здобило со тешки телесни повреди, а уште четири лица се повредени во сообраќајна несреќа што вчера попладне се случила на улицата Лазар Личеновски во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Несреќата се случила околу 17:50 часот, кога се судриле патничко возило „БМВ“, управувано од 25-годишниот Е.К. од селото Визбегово, и патничко возило „сеат леон“, зад чиј волан била 48-годишната С.П. од селото Бразда.
Во судирот најтешко настрадал 25-годишниот Д.С. од селото Сингелиќ, кој бил сопатник во возилото „БМВ“. Кај него лекарите констатирале тешки телесни повреди.
Со телесни повреди се здобиле и двајцата возачи, како и 24-годишната И.П. од селото Бразда, која била сопатничка во „сеат леон“.
Повредените биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде што им била укажана лекарска помош.
Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на СВР Скопје, а причините за судирот се утврдуваат.