ИНСПЕКТОРИ НЕ РЕАГИРАЛЕ 13 ГОДИНИ ДОДЕКА „ПУЛС“ РАБОТЕЛ Кривична за 8 службени лица за несовесно работење

ОВР Кочани поднесе кривична пријава против осум службени лица од Државниот инспекторат за труд, поради сомнение дека со години не постапувале по службена должност во случај поврзан со неконтролиран угостителски објект во Кочани, кој подоцна е поврзан со трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.

188

Одделението за внатрешни работи Кочани денеска (03.07.2026) поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Кочани против осум лица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Пријавени се С.Ш.С. (53) од Македонски Брод, С.Ѓ. (59) од Скопје, З.М. (64), С.З. (61), Т.К. (42), Н.Д. (43), Г.П. (41) и М.З.С. (44), сите од Кочани.






Според истрагата, во периодот од 2022 година до 16.03.2025 година, пријавените како службени лица во Државниот инспекторат за труд, иако биле законски обврзани да вршат инспекциски надзор, не покренале ниту една постапка за контрола над работењето на угостителски објект во Кочани.

И покрај тоа што станувало збор за единствен објект од таков тип во општината, инспекторите не презеле мерки за утврдување на фактичката состојба, ниту спречиле негово незаконско работење, се наведува во пријавата.

Со тоа, според обвинителството, овозможиле објектот во континуитет да продолжи со вршење угостителска дејност, без соодветни контроли за безбедност и заштита при работа, при што била остварена противправна имотна корист во износ од 1.255.977 денари.

Дополнително, со ваквото непостапување, вработените во објектот биле изложени на ризик поради недостиг на инспекциски надзор и безбедносни проверки.

Според датумот и карактеристиката на „единствен објект од таков тип“, станува збор за дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која подоцна се случи трагичен пожар во кој животот го загубија 63 лица.

Поврзани содржини