СТРУМИЦА ЌЕ ИЗГРАДИ СПОМЕНИК ЗА ЧЕТВОРИЦАТА ЗАГИНАТИ ПИЛОТИ Погинаа во хеликоптерска несреќа во 2014 година
Хеликоптерот тип МИ17 се урнал откако удрил во антенски столб на „Македонската радиодифузија“, а четворицата пилоти починале веднаш.
Општина Струмица ќе подигне спомен обележје во чест на загинатите пилоти од Хеликоптерската единица на МВР во несреќата што се случи на 10 јули 2014 година, соопштија од локалната самоуправа.
Вчера, во рамки на посетата на Струмица на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев беше извршен увид на локацијата во Градскиот парк определена за поставување спомен-обележје во чест на загинатите пилоти од Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи.
-Како општина ќе ја интензивираме соработката со Министерството за реализација на овој значаен проект, кој ќе претставува траен израз на почит кон хероите кои ги положија своите животи во служба на татковината и граѓаните, се наведува во соопштението од Општината.
Инаку, во хеликоптерот произведен 2008 година, на 10 јули 2014 година, пилотите на МВР- Драган Мицев, Марјан Трајкoвиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички биле на ноќен лет на релација Скопје-Велес-Неготино-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и назад и била користена опрема за ноќно летање.
Хеликоптерот тип МИ17 се урнал откако удрил во антенски столб на „Македонската радиодифузија“, а четворицата пилоти починале веднаш.