📽️ ПЛЕНКОВИЌ ГО ПРЕЖИВЕА НАЈЧУДНИОТ СУДАР Возило од конвојот налета во премиерското „ауди“
Необичен инцидент се случи во центарот на Загреб кога две возила од владиниот конвој се судрија на раскрсница. Во автомобилот што бил удрен се наоѓал хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
- Момент на невнимание во строго обезбедуван владин конвој предизвика необична сообраќајна несреќа во Загреб. Возило од придружбата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ удрило во автомобилот во кој патувал самиот премиер.
Инцидентот се случил на улицата Савска, непосредно по враќањето на Пленковиќ од седница на Владата.
Судир во владиниот конвој
Хрватската влада потврди дека во несреќата учествувале две возила од заштитениот конвој.
„По враќањето од седницата на Владата од Националниот спортски комплекс, на улицата Савска се случи мала сообраќајна несреќа во која учествуваа две возила од заштитен конвој. Никој не беше повреден. Во несреќата немаше други возила вклучени, ниту пак пешаци беа загрозени“, соопшти Владата на Хрватска.
Според официјалните информации, нема повредени лица и не била предизвикана поголема материјална штета.
x
Сведок го видел моментот
Според порталот „24сата“, возилото од придружбата удрило во автомобилот во кој се наоѓал Пленковиќ.
– Видов дека се случи судир при свртување и сопирање, а потоа Пленковиќ излезе од удрениот автомобил. Несреќата се случи на раскрсницата на Савска цеста и улицата Фаркаша Вукотиновиќ – изјавил очевидец за порталот.
Полицијата извршила увид и работи на утврдување на сите околности на настанот.
4 тони заштита
Во моментот на несреќата, хрватскиот премиер се возел во блиндиран „ауди А8 Л секјурити“, специјално модифицирано возило наменето за превоз на највисоки државни функционери.
Лимузината е опремена со челични заштитни плочи, повеќеслојни непробојни стакла и системи за заштита од експлозии и хемиски напади.
Поради високото ниво на заштита, возилото тежи речиси 4 тони.