МАКЕДОНИЈА ВЕЌЕ ИЗДВОЈУВА 4% ОД БДП ЗА АРМИЈАТА Генерал Гринкевич вели дека македонските војници се клучни за Источното крило на НАТО

Командантот на сојузничките сили во Европа порача дека Макеоднија е ценет и кредибилен сојузник, со значајна улога во Бугарија, Романија, Летонија и на Западен Балкан. На средба со првиот. Во однос на одбранбените вложувања, Гринкевич истакна дека македонската држава веќе издвојува околу 4 проценти од БДП за одбрана и за сродни трошоци, оценувајќи дека тоа е значаен придонес во насока на заедничката цел на Алијансата за достигнување 5 проценти до 2035 година.

333

Северна Македонија е цврст и ценет сојузник на НАТО кој значајно придонесува за колективната безбедност, истакна Командантот на Сојузничките сили на НАТО за Европа (SACEUR), генералот Алексус Г. Гринкевич, при денешната посета на касарната „Илинден“ во Скопје.

Тој посочи дека македонските војници учествуваат рамо до рамо со припадници од други сојузнички земји во рамки на Напредните копнени сили во Бугарија, Летонија и во Романија, нагласувајќи дека имаат клучна улога во обезбедување на источниот дел од Алијансата преку кредибилно одвраќање и одбрана.






– Имав чест да се сретнам со дел од нив денеска во касарната „Илинден“, каде што проследив и вешта демонстрација на нивните способности за време на динамична тактичка вежба – нагласи Гринкевич.

Фото: Армија на Република Северна Македонија

Тој ја истакна и улогата на земјава во зачувувањето на стабилноста на Западен Балкан, нагласувајќи дека станува збор за регион од стратешко значење за НАТО. Воедно, се заблагодари за повеќе од две и пол децении поддршка на мировната мисија КФОР во Косово, оценувајќи дека таа и натаму има фундаментална улога за безбедноста на сите заедници.

Гринкевич информираше дека по направена анализа на безбедносната состојба, НАТО ќе пристапи кон постепена оптимизација на големината и распоредот на силите во рамки на КФОР.

Во однос на одбранбените вложувања, Гринкевич истакна дека македонската држава веќе издвојува околу 4 проценти од БДП за одбрана и сродни трошоци, оценувајќи дека тоа е значаен придонес во насока на заедничката цел на Алијансата за достигнување 5 проценти до 2035 година.

Тој ја поздрави и поддршката што Македонија ја дава за Украина, вклучително и учеството во НАТО-командата за обука и помош во Висбаден, како и во иницијативите за обезбедување воена помош.

Фото: Армија на Република Северна Македонија

Гринкевич најави дека на претстојниот Самит на НАТО во Анкара сојузниците ќе демонстрираат напредок во зголемувањето на одбранбените вложувања и поддршката за Украина, со цел јакнење на Алијансата.

Командантот на Сојузничките сили на НАТО за Европа изрази уверување дека Северна Македонија ќе продолжи да ја игра својата улога во Алијансата, нагласувајќи дека земјата може да смета на поддршката од НАТО.

Според Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, посетата на Командантот на Сојузничките сили на НАТО за Европа, генералот Алексус Г. Гринкевич, претставува потврда за довербата и партнерството на Северна Македонија во рамки на Алијансата.

Тој нагласи дека членството во НАТО за државата не е само безбедносна гаранција, туку и обврска за активно придонесување кон колективната одбрана и стабилноста на евроатлантскиот простор.

– Оваа посета е уште една потврда за нашата јасна определба кон одбраната на заедничките вредности и довербата која ја градиме во рамките на Алијансата – истакна Лафчиски.

Фото: Армија на Република Северна Македонија

Во текот на средбата со генералот Гринкевич, како што посочи, биле разгледани актуелните безбедносни предизвици, како и процесите на модернизација и опремување на Армијата, со акцент на придонесот во регионалните планови за одбрана на НАТО.

Лафчиски истакна дека македонската Армија има важна улога како клучен фактор во регионот и на транспортните коридори, особено во однос на мобилноста, отпорноста и стратешката длабочина на Алијансата.

– Македонската Армија денес е модерна, добро опремена и високо обучена. Ова не е само наше видување, туку тоа претставува објективна и потврдена оцена, добиена преку серија на ригорозни проверки на персоналот, опремата и процедурите – истакна тој, посочувајќи на сертификацијата на лесната пешадиска баталјонска група во рамки на вежбата „Блесок 26“, како и оценувањето на борбените елементи за специјални операции.

Фото: Армија на Република Северна Македонија

Тој додаде дека продолжува процесот на модернизација, при што Армијата се зајакнува со нова опрема, меѓу која оклопни возила JLTV и „Страјкер“, артилериски системи „Боран“ и противвоздушни системи „Мистрал-3“, а во наредниот период се очекуваат и хеликоптери.

Според него, кохезијата и единството на НАТО остануваат клучна сила во справување со современите безбедносни предизвици.

– Македонската Армија останува сигурен и кредибилен сојузник, со над 180 припадници ангажирани долж источното крило на Алијансата – нагласи Лафчиски, додавајќи дека земјата придонесува и во мисиите КФОР во Косово и АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

Во рамки на посетата на генералот Гринкевич, во касарната „Илинден“ во Скопје беше презентирана дел од современата опрема со која располага македонската Армија.

Пред високиот гостин беше организирана и демонстрација на способностите на армиските припадници, при што беа изведени две тактички вежби. Вежбите опфатија динамични сценарија со ангажман на различни единици и средства, со цел прикажување на нивото на обученост, координација и оперативна подготвеност.

Поврзани содржини