ГО „ЗАКРПИЛ“ НЕТФЛИКС ЗА 11 МИЛИОНИ ДОЛАРИ, ПА ТРОШЕЛ КАКО ЛУД Режисерот Карл Ринш осуден на 2,5 години затвор

Парите ги искористил за купување луксузни автомобили, часовници и облека во вредност од 652.000 долари. Меѓу купените производи биле и два душеци од 638.000 долари, како и постелнина од 295.000 долари.

0

Американскиот режисер и сценарист Карл Ринш e осуден на две и пол години затвор во Њујорк, откако судот го прогласи за виновен за оштета на Нетфликс од 11 милиони долари. Тој во декември бил прогласен за виновен за федерална измама преку електронски средства, како и за уште неколку кривични дела. Според обвинението, Ринш од стриминг-платформата побарал дополнителни 11 милиони долари за завршување на научнофантастичната серија „Бел коњ“ („White Horse“). Според достапните информации, парите ги префрлил на неговите лични сметки.

– Дел од средствата ги изгубил преку неуспешни инвестиции само неколку месеци по добивањето на парите. Останатиот дел го има вложено во криптовалути, по што средствата ги префрлил на својата банкарска сметка, навеле обвинителите на судењето.






Според податоците од обвинителството, парите ги искористил за купување луксузни автомобили, часовници и облека во вредност од 652.000 долари. Меѓу купените производи биле и два душеци од 638.000 долари, како и постелнина од 295.000 долари.

– Дел од парите биле искористени за покривање на долгови од кредитни картички во износ од речиси 1,8 милиони долари, нагласија обвинителите.

Овој 48-годишен режисер пред судот се бранел дека делата ги сторил поради нарушеното ментално здравје и употреба на лекови.

Според судијата Џед С. Ракоф, проблемите со менталното здравје може да го објаснат неговото однесување, но тоа не го менува фактот дека Ринш намерно се обидел со измама да добие голема сума пари од Нетфликс и да ги злоупотреби.

За ова кривично дело обвинителството побара петгодишна затворска казна. Донесената одлука не била прифатена од страна на одбраната.

Освен изречената затворска казна која треба да биде спроведена во септември, познатиот режисер мора да плати глоба од 11 милиони долари.

Карл Ринш е познат по филмот „47 самураи без господар“ од 2013 година.

Поврзани содржини