ПОЧНУВА НОВА ЕРА ЗА „007“ Се бара наследник на Даниел Крејг
Режисерот Денис Вилнев и продукцијата на „Амазон МГМ“ започнуваат финална фаза од изборот на новиот Џејмс Бонд, аудициите се очекуваат во август.
Обожавателите на култниот серијал за Џејмс Бонд наскоро би можеле да го дознаат наследникот на Даниел Крејг во улогата на легендарниот британски шпион. Продуцентите и режисерот Денис Вилнев започнале да ги известуваат актерите кои се пласирале во следната фаза од аудициите, кои се очекува да се одржат подоцна ова лето. Иако имињата сè уште не се официјално потврдени, аудициите се закажани за август, потврдува „Дедлајн“ (Deadline).
Извори блиски до продукцијата наведуваат дека Вилнев лично контактира со кандидатите кои влегле во потесниот избор. Потрагата по новиот „007“ трае веќе подолг период, а студиото пристапува кон целиот процес внимателно и методично.
Откако во 2025 година „Амазон МГМ“ ја презеде целосната креативна контрола врз брендот „Бонд“, продукцијата внимателно го гради тимот што ќе го води следниот филм. За продуценти се ангажирани Ејми Паскал и Дејвид Хејман, додека по серија состаноци со повеќе режисери, режисерската палка му е доверена на Вилнев. Минатото лето, сценаристот Стивен Најт, познат по серијата „Пики блајндерс“, ѝ се приклучи на продукцијата, а директорката за кастинг Нина Голд договорот го потпиша во април годинава.
Главен предизвик до неодамна било недовршеното сценарио, бидејќи актерите не можат да бидат тестирани без финализирана приказна. Според првичните информации, Најт во голема мера се инспирира од најраните романи на Ијан Флеминг, што би можело да го врати Бонд на неговите почетоци во британската Кралска морнарица.
Иако имињата на кандидатите се држат во строга тајност, според медиумските извештаи меѓу потенцијалните актери се споменуваат Харис Дикинсон, Калум Тарнер и Џејкоб Елорди. Сепак, засега нема официјална потврда за финалната листа.
Во таа насока, „Comic Book News“ пренесува дека „Амазон“ би сакал новиот Бонд да биде помлад од 30 години, со цел да може да ја носи улогата во повеќе филмови, слично како Даниел Крејг во неговиот 15-годишен мандат. Поради оваа стратегија, поискусни актери како Идрис Елба и Хенри Кавил, според анализите, најверојатно испаѓаат од трката.
Планот е новиот Џејмс Бонд да биде избран до крајот на 2026 година, а снимањето да започне во 2027 година, иако роковите остануваат флексибилни со оглед на комплексноста на процесот на избор.