СЕДУМ ПОЖАРИ, ДВА СЀ УШТЕ СЕ АКТИВНИ Гори во Василево и во Прилеп
Центарот за управување со кризи информира дека седум пожари се регистрирани на отворен простор, од кои два се активни, а пет се изгаснати.
До 18 часот денеска во земјава се регистрирани вкупно седум пожари на отворен простор, од кои два сè уште се активни, а пет се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни пожари има во општините Василево и Прилеп, каде гори ниска вегетација. Во Василево пожарот е на територија на село Нова Маала, додека во Прилеп зафатено е подрачјето на местото викано „Маркова Чешма“.
Од ЦУК соопштуваат дека во село Банско, општина Струмица, горела депонија, додека во населбата „Света Недела“ во општина Штип биле зафатени ниска вегетација и борова шума.
Останатите пожари кои се изгаснати се регистрирани на територија на општините Прилеп, Липково и Струга, каде што била опожарена ниска вегетација.
Надлежните служби и понатаму ја следат состојбата на терен и апелираат до граѓаните на внимателност, особено поради високите температури и ризикот од нови пожари.