ЌЕ СЕ УРИВА ДИВОГРАДБА ВО ОХРИД Oбјектот е во заштитено јадро

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ќе спроведе присилно уривање на бесправен објект во Охрид, по утврдена непостапка по претходно решение.

111

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) ќе спроведе присилно административно отстранување на бесправен објект во старото градско јадро на Охрид, откако при вонреден инспекциски надзор било утврдено дека не е постапено по претходно донесеното решение за негово уривање, соопшти Министерството за транспорт.

„По информации добиени од јавноста, денеска државен инспектор од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам излезе на терен и направи вонреден контролен инспекциски надзор над објект на КП -15972, КО Охрид 3, во Старото градско јадро во Охрид. При инспекцискиот надзор утвредено е дека и покрај претходно донесеното решение од страна на ДИГУ за отстранување на објектот, по истото не е постапено“, се наведува во соопштението.






Од Министерството за транспорт информираат дека, согласно наодот на државниот инспектор, ќе биде донесен налог за присилно административно отстранување на објектот, во согласност со позитивните законски прописи.

Тие потенцираат дека институцијата останува посветена на борбата против бесправната градба, без исклучоци и без селективна примена на законот.

„Законот за градење важи подеднакво за сите и нема да има селективна примена“, нагласуваат од Министерството.

Во соопштението се додава дека нема да се дозволи узурпација на јавното добро и дивеење со бесправна градба.

„Продолжуваме со одлучна и неселективна борба против нелегалните објекти со единствена цел – да воспоставиме ред и да го зачуваме јавниот интерес и просторот“, велат од Министерството за транспорт.

Поврзани содржини