СКАНДАЛ ВО „ДЕМИР ХИСАР“, 20 КРИМИНАЛЦИ ГО ЗЛОУПОТРЕБИЛЕ СИСТЕМОТ Здрави осуденици завршувале на лекување наместо во затвор

Националниот превентивен механизам тврди дека околу 20 осуденици без психичка болест биле упатени на лекување наместо во затвор, што отвора сомнежи за злоупотреби во судско-психијатриските вештачења.

557

Националниот превентивен механизам (НПМ) при Народниот правобранител при контрола во психијатриската болница „Демир Хисар“ во декември 2025 година затекнал околу 20 осуденици за кривични дела кои не се со психичка болест, туку се здрави и пресметливи, но, како што е наведено, преку сомнителни и коруптивни вештачења успеале да избегнат затвор и да бидат упатени на лекување.

– НПМ се обрати и до Комората на вештаци, со барање информации во врска со примената на етичките и професионалните стандарди во судско-психијатриските вештачења – изјави заменичката-омбудсман Соња Трифуновска на денешната презентација на извештајот на НПМ, кој комуницира директно со Обединетите нации.






Таа посочи дека со години се констатира „катастрофална состојба“ во повеќе затворски установи, меѓу кои Скопје, Куманово, Идризово, Струга и Охрид, како и во Воспитно-поправниот дом во Тетово и полициските станици каде, како што рече, се држат лица без основни услови, па дури и без средства за обезбедување храна.

Трифуновска оцени дека вработените во специјалната установа во Демир Хисар се „прегорени“ и изложени на висок ризик, бидејќи, според неа, наместо затворски обезбедувачки систем, таму се сместуваат лица со криминален профил кои ја злоупотребуваат системската празнина.

– На штета на вистинските пациенти, тие се принудени да работат и како безбедносен кадар, бидејќи дел од лицата кои со помош на системот избегнуваат затвор, ги малтретираат, плашат и виктимизираат болните. Има и случаи на бегства, затоа што установата нема затворска полиција – истакна таа.

Според неа, медицинскиот персонал – психијатри и техничари – е изложен на професионален и личен ризик, а недостатокот на кадар и ресурси дополнително ја отежнува состојбата.

Таа посочи дека посетата имала цел да ја испита состојбата во Форензичкото одделение, по информации за проблематични случаи и сомнежи околу психијатриски вештачења.

– Тимот на НПМ доби наводи за случаи во коишто беа изразени сомнежи за професионализмот при одредени вештачења, со кои лица наместо затворска казна се упатуваат на форензичко лекување. Персоналот нема начин како да се справи со овие случаи – се наведува во извештајот.

Трифуновска предупреди дека ваквата состојба создава сериозно нарушување на принципот на еднаквост пред законот, бидејќи санкциите, наместо да се засноваат на објективна проценка, може да станат резултат на влијание врз вештачењата.

Таа додаде дека поради ваквата ситуација страдаат и вистинските пациенти, кои добиваат помалку внимание и подолги чекања за третман, што директно го загрозува нивното право на здравствена заштита.

Поврзани содржини