МЕПСО ЗЕМАЛ КРЕДИТИ, АМА НЕ ГИ ПОВЛЕКУВАЛ ПАРИТЕ НАВРЕМЕ Заклучно со 2024 година за провизии и за камати друштвото потрошило речиси 9 милиони евра
Дваесет години по приватизацијата на поранешното ЕСМ, МЕПСО сѐ уште, не ја решило сопственоста на 33 трафостаници кои се водат како заедничка сопственост со приватната ЕВН Македонија.
Акционерско друштво за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем, МЕПСО доцни со реализацијата на инвестициите за изградба и реконструкција на делекуводи, а за дел од нив плаќа казни за неповлечени пари од кредитите земени од странски банки, бидејќи не почнал да ги гради. Друштвото исто така нема целосна сопственост на имотот кој го управува, а има и слабости во сајбер-безбедноста и спорни вработувања.
Ова покрај другото го наведува Државниот ревизор во извештајот за работењето на МЕПСО во 2024 година.
Заклучно со 2024 година, за земените заеми, платени се провизии за одобрување и неповлечени средства, како и камати во вкупен износ од 8.996.052 евра, што претставува 8,8% од вкупниот износ на одобрени заеми.
АД МЕПСО користи повеќе кредитни линии од меѓународни финансиски институции за финансирање на инвестиции, при што значителен дел од одобрените средства не е повлечен, што резултира со дополнителни трошоци за провизии и камати.
Вкупниот износ на одобрени тековни заеми изнесува 102.400.000 евра, од кои 52% или 53.434.992 евра не се повлечени, за што во 2024 година платена е провизија во износ од 245.629 евра (2.633.953 евра за периодот откако се одобрени заемите, се до крајот на 2025 година) .
„Ненавременото користење на заемите го зголемува финансискиот товар и ја забавува реализацијата на стратешките проекти за електропреносниот систем“, констатираат ревизорите.
Ревизорите утврдиле дека степенот на реализација на инвестициите во МЕПСО се движи од 9% до 62% .
Кај дел од проектите постои зголемување на вредноста на склучените договори, пролонгирање на рокот за нивната реализација, а два договори кои делумно биле реализирани се раскинати. Kај три проекти има зголемување на вредноста на првично склучените договори, при што најголемото зголемување од 51% (1.481.657 евра) е кај проектот „Ревитализација на 110kV далекувод Скопје – Велес” чиј износ по зголемувањето изнесува вкупно 4.393.609 евра, додека најголемото пролонгирањето од пет години и осум месеци е кај проектот „Реконструкција на 110kV Далекуводот Битола – Прилеп”.
Истовремено за проектот „Изградба на далекувод 110 kV Валандово – Милетково”, иако во јуни 2024 година одобрен е заем од ЕБРД во износ од 26.400.000 евра, сè уште не се започнати активности за изградба, поради што за одобрување на заемот и провизија за неповлечени средства платени се 155.672 евра (22.205 евра во 2024 година).
„Овие состојби негативно влијаат врз модернизацијата и сигурноста на преносната мрежа и упатуваат на потреба од поефикасно управување со инвестициските проекти“, се наведува во извештајот.
АД МЕПСО давал заеми на други државни компании иако тоа не е негова основна дејност, па така сега побарува приближно 9.594,652 евра и истите се повеќе од 10 пати зголемени во однос на 2020 година.
Дел од побарувањата на друштвото (12%) се постари од три години , при што најголем дел од нив се побарувања по основ на предизвикан дебаланс од страна на правни лица – трговци на електрична енергија (БОС), како и на побарувања за користење на прекугранични преносни капацитети.
„Имајќи ја во предвид старосна структура на побарувањата, како и неизвесноста на долготрајните извршни постапки, истакнуваме дека постои неизвесност во однос на нивната наплата“, велат ревизорите.
Дваесет години по приватизацијата на поранешното ЕСМ, МЕПСО сѐ уште, не ја решило сопственоста на 33 трафостаници кои се водат како заедничка сопственост со приватната ЕВН Македонија.
Сопственоста на овие трафостаници , според ревизорите е запишана само на ЕВН Македонија или се води постапка за преземање.
„Друштвото во повеќе наврати иницирало постапки за решавање на сопственоста на трафостаниците, но таа се уште не е завршена. Во 2025 година формирана е заедничка работна група, која договорила процесот да се реализира во две фази, преку меѓусебен пренос на право на сосопственост (соодветен идеален дел) на трафостаниците запишани на име на секое од друштвата, додека за неизложените трафостаници утврдување на фактичката состојба и конечно уредување на сопственичките права продолжува“ , наведуваат ревизорите.
Во МЕПСО и во 2024 година ја нема регулирано сопственоста на и на останатата електропреносна инфраструктура, вклучително и земјиштето, а за дел од имотот нема точна сметководствена евиденција.
Преносната мрежа на АД МЕПСО Скопје интегрира 112 далекуводи, при што за 53 далекуводи запишано е правото на сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности, додека за 59 далекуводи друштвото не располага со имотни листови .
„За овој имот отпочнати се постапки за утврдување на правниот статус, но истите се сложени и долготрајни поради големиот број локации и нерешените имотно-правни односи, а во одредени случаи не може да се утврди основот за стекнување на правото на сопственост“, велат ревизорите.
Дополнително утврдено е дека со расположливите податоци во воспоставената сметководствена евиденција на далекуводите и трафостаниците (евидентирани се по делови, на различни сметки за градежни објекти, постројки и опрема и со неусогласени називи) не е можно да се потврди нивниот број и вредност.
„ Оваа состојба влијае на висината на тарифата за пренос на електрична енергија, која се утврдува со одлука од страна на РКЕ, а врз основа на сметководствените податоци и финансиски евиденции доставени од страна на АД МЕПСО Скопје“, се наведува во извештајот.
Ревизорите утврдиле и дека кај 65% од нововработените лица (45) утврдени се неправилности во однос на исполнувањето на условите од јавниот оглас и актот за систематизација и распределбата на работните места, а кај дел од нив кратко по вработувањето е извршено прераспределување или унапредување.
Со ревизијата утврдени се и други состојби кои се однесуваат на извршениот попис, расходувани средства, пријавената кражба, реализацијата на Годишната инвестициона програма, начинот на финансирање на синдикалните организации при АД МЕПСО Скопје, отчетноста на ангажираните лица преку авторски договори, начинот на доделување спонзорства и донации и други состојби кои имаат влијание врз работењето на друштвото.