„ДА НЕМАВМЕ РАКЕТИ, ЌЕ ЗАВРШЕВМЕ КАКО ГАЗА“ Иран порачува дека нема да преговара за одбраната

Претседателот на Иран порача дека балистичките ракети се гаранција за опстанокот на земјата и дека за нив нема да има никакви преговори.

183

Ракетниот арсенал останува црвена линија за Техеран, и покрај обидите на Вашингтон во изминатиот период да го отвори и тоа прашање во рамките на пошироките разговори со Иран.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека неговата земја без ракетите ќе ја доживеела судбината на Газа.

– Да не беа ракетите што ги имаме за наша одбрана, Израел и САД ќе го срамнеа Иран со земја исто како Газа, не покажувајќи милост ни кон старите ни кон младите – изјави Пезешкијан за време на посетата на Пакистан.

Изјавите на Пезешкијан доаѓаат во време кога трае 60. дневниот рок за постигнување целосен мировен договор меѓу САД и Иран.  Сенатот во САД изгласа резолуција со која се бара прекинување на американските воени активности во Иран.

„Нема да преговараме за одбраната“

Претседателот Пезешкијан нагласи дека Иран нема намера да разговара за своите одбранбени способности, без разлика на притисоците што доаѓаат однадвор.

– Никогаш, под никакви околности, нема да преговараме со никого за нашите одбранбени капацитети – порача тој.

Пред почетокот на војната, американската администрација се обидуваше во разговорите со Техеран покрај нуклеарната програма да ги вклучи и балистичките ракети, како и врските на Иран со сојузничките вооружени групи во регионот.

Трамп испрати поумерена порака

Во последните денови американскиот претседател Доналд Трамп остави впечаток дека го ублажил ставот околу иранската ракетна програма.

– Велам дека е малку неправедно што тие ги немаат, ако другите земји ги имаат – изјави Трамп на самитот на Г7 во Франција.

Изјавата беше протолкувана како сигнал дека Вашингтон би можел да покаже поголема флексибилност во преговорите, но одговорот на Техеран сугерира дека ракетите остануваат една од темите за кои иранското раководство не е подготвено на компромис.






Поврзани содржини