Како се краде идентитет без испукан куршум

Кога минимум двајца соседи одеднаш ќе најдат совршен консензус за вашата анатомија, тогаш не станува збор за случајност, туку за поделба на пленот. Тие ја присвојуваат македонската култура, ја претопуваат во своите државни наративи, оставајќи го Скопје како административен главен град на една културна празнотија. Тоа е целта на ова војна. При што, иако навидум безодветно, ова е вистинска војна на железни тупаници во кадифени ракавици.

334

На Балканот, војните веќе не мирисаат на барут. Мирисаат на мастило, и можеби апсурдно, но и на архивска прашина. За слободна Македонија некогаш тука, а за волја на вистината неретко и во Европа, се гинело херојски со пушка, бомба или со револвер во рака, а денес се исчезнува со само еден потпис на некаков си добрососедски договор. Македонија денес не ја напаѓаат со тенкови, напалм бомби и со пешадија. Тоа би било премногу бучно за префинетиот вкус на модерна Европа. Стратегијата на Македонските (добро)соседи денес, е апсулотно сообразена со модерноста на клубот каде што членуваат, па затоа нивната стратегија е многу поелегантна. И, за жал, многу пофатална. Тие сè помалку велат: „Вие не постоите“. Тоа е, сепак, примитивна фраза. Денес тие велат: „Вие секако постоите, но само како фуснота во нашата историја’’.

И секако, би додал безмалку секој здраворазумен Македонец, а и Европјанин, тука не станува збор за класично негирање, туку за перфиден процес на канибалистичка интеграција, целосно проголтување и обезличување.






Само најнаивниот добронамерник не би ја забележал совршената синхронизација. Оркестар кој вежба со децении. Додека едниот сосед со декрет ви го уредува античкото минато, правејќи ве сопственици на „нова“, географски чиста, но историски стерилна реалност, другиот ве чека на следната кривина со отворена прегратка и подготвен ДНК-тест за средниот век. Целта не е да се срамни Македонија со земја, туку да се испразни од сопствената суштина. Да се претвори во восочна кукла која едниот ќе ја облече, а другиот ќе ја круниса со хеленистички ловоров венец.

Кога минимум двајца соседи одеднаш ќе најдат совршен консензус за вашата анатомија, тогаш не станува збор за случајност, туку за поделба на пленот. Тие ја присвојуваат македонската култура, ја претопуваат во своите државни наративи, оставајќи го Скопје како административен главен град на една културна празнотија. Тоа е целта на ова војна. При што, иако навидум безодветно, ова е вистинска војна на железни тупаници во кадифени ракавици.

Досегашната практика на пасивна одбрана, со чест на инцидентни исклучоци, дава минимални резултати.

А не мораше да биде вака. Постоеја времиња кога културата навистина чекореше на првата линија на идентитскиот фронт, свесна дека политичките интеграции се само празна бирократска лушпа доколку не се втемелени врз органски, културни претпроцеси. Во преломната 1999 година, во ек на косовската криза и бомбардирањата, во период на интензивна соседска и меѓународна пропаганда, ја имав привилегијата како тогашен директор на Кумановскиот народен театар да иницирам соработката „Балкан без граници“, потпишувајќи меморандум со колегите од Ќустендил и од Лесковац. Нашата девиза во манифестот беше јасна и визионерска: „Балканските интегративни процеси како дел од европските интегративни процеси“.

Тогаш, овој постулат имаше карактер на храбар уметнички експеримент.

Своевиден културолошки одговор на сè она кое во тој момент се случуваше кај нас и околу нас. Не чекавме бирократите од Брисел или локалните политичари да ни ја нацртаат иднината. Ја поставивме копродукцијата „Мала куќа на граница“ од Славомир Мрожек, во режија на Бранко Брезовец од Хрватска. Додека реалната политика црташе нови граници и визи, терајќи нè да го живееме театарот на апсурдот на секој граничен премин меѓу Македонија, Србија и Бугарија, нашите актери на сцената, зборувајќи три различни јазици, а разбирајќи се совршено, ја исмеваа и ја рушеа таа вештачка бариера пред очите на балканската публика.

Тоа што во 1999 година беше уметнички пионерски експеримент, денес стана геополитичка нужност.

Веројатно и затоа саботната „Кармина Бурана“ изведена под отворено небо во градскиот скопски парк, ремек дело на Македонската, Бугарската и на Грчката филхармонија ја доживеав посебно емотивно и со восхит. Патот е тој.

Културниот интегративен процес не е луксуз, туку носечки столб на секоја политичка стабилност на Балканот. Политиката не може да изгради траен систем на соработка, ако претходно културата не го подготви теренот преку рамноправен дијалог. Културната кохезија е онаа која ги поставува правилата на играта, затоа што вистинската соработка не подразбира бришење на разликите, туку нивно меѓусебно признавање како суверени ентитети.

На Балканот, почитта не се стекнува со бирократија и со декларации.

Ако соседите користат стратегија на перфидно голтање, Македонија мора да одговори со контранапад. Можеби е време е да го извадиме најтешкото артилериско оружје, нашето неспорно историско, културолошко и духовно право врз Македонија.

Затоа што токму на нас ни припаѓа легитимитетот и обврската да бидеме вистинскиот центар и корифеј на Балканот. Македонија е лулката од која излезе писменоста и духовноста, не само балканска туку и источноевропска. Тука е Првиот Славјански универзитет. Ние го имаме Охридското духовно наследство кое зрачеше кон цела Источна Европа тогаш кога другите талкаа во мрак. Наследството на Кирил и Методиј не е сопственост на никакви бирократски комисии, тоа е универзален код зачнат тука.

Ние мора да бидеме иницијатори и домаќини на балканската, а и поширока соработка. Интегрирани во Европската културна посебност.

Самиот концепт на „интеграција“ како предуслов ја имплицира посебноста и специфичноста на секој што учествува во неа. Кога Македонија ќе застане на чело како лидер во кохезивноста, таа всушност ја запечатува својата различност. Не можете да интегрирате нешто што не постои како посебен ентитет. Македонската стратегија мора да биде инклузивна, да ги собере сите околу својата софра, наметнувајќи го сопствениот наратив како кохезивен фактор. Македонија мора да стане регионален културен магнет.

Кога ти си тој што ги поврзува Србите, Албанците, Бугарите и Грците во еден супериорен уметнички и интелектуален простор, еве нарекувајќи го Балкански простор, твојот легитимитет како автентичен центар станува неоспорен.

Во годините пред нас нашата културна понуда ќе треба да е толку моќна, жилава и неопходна за целиот регион, што секој обид за нејзино голтање да предизвика нивно политичко и културно давење. Ако се тргне веднаш со ваква стратегија, тогаш големиот настан пред нас – Скопје како Европски град на културата 2028, нема да е инцидент. Тој ќе биде своевидно апоге на триумфот на нашиот културен идентитет. Автохтон македонски потпис, поткрепен од својот целосен културен суверенитет, во Европската бела книга на народите.

На крајот на денот, идентитетот не се губи затоа што некој друг е силен. Се губи затоа што вие сте станале слаби, неми и самоизолирани.

Време е Македонија да проговори. Не со крик на немоќна жртва, туку со сигурен глас на цивилизациски домаќин на Балканот.

Поврзани содржини