ДРЖАВАТА Е ДОЛЖНА ДА ГИ КОРИСТИ РЕСУРСИТЕ ЗА ПОДОБАР ЖИВОТЕН СТАНДАРД НА ГРАЃАНИТЕ Македонија има право на развој
Наместо дебата базирана на факти, студии и мислења на експерти, јавноста често е изложена на сценарија за катастрофи, без да се земат предвид технолошките достигнувања и строгите европски стандарди, соопшти локалната иницијатива „И здравје и работа“.
Македонија не е сиромашна земја. Македонија е земја која со години не знае или не сака да ги искористи своите потенцијали. Додека многу европски држави ги развиваат своите минерални ресурси како двигател на економскиот раст, кај нас сè уште преовладуваат стравот, шпекулациите и дезинформациите, соопшти локалната граѓанска иницијатива „И здравје и работа“.
Ние од локалната иницијатива „И здравје и работа“ сметаме дека државата има обврска да го искористи секој свој потенцијал кој може да донесе повеќе приходи во буџетот, подобри плати, нови работни места, модерна инфраструктура и подобар животен стандард за граѓаните, се потенцира во соопштението.
„Особено во услови кога Македонија се соочува со иселување на младите, недостиг на инвестиции и потреба од побрз економски раст, неодговорно е со години да се држат во неизвесност проекти од стратешко значење како „Иловица-Штука“. Науката одамна дала одговори на голем дел од прашањата што се отвораат во јавноста. Денес постојат современи технологии кои овозможуваат значително намалување на влијанијата врз животната средина, суво управување со јаловиштето, рационално користење на водните ресурси и континуиран мониторинг на сите процеси. Овие решенија не се теорија, туку реалност која веќе се применува во бројни европски земји“, соопшти иницијативата.
За жал, се додава во соопштението, со години сведочиме на организирано ширење страв, паника и непроверени информации од лица кои немаат стручни познавања од геологија, рударство, металургија или заштита на животната средина.
„Наместо дебата базирана на факти, студии и мислења на експерти, јавноста често е изложена на сценарија за катастрофи, без да се земат предвид технолошките достигнувања и строгите европски стандарди. Сметаме дека е недозволиво развојниот потенцијал на државата и иднината на цели региони да останат заложници на мала група луѓе кои, од различни лични, политички или идеолошки причини, со години се обидуваат да го блокираат секој обид за отворање на сериозна инвестиција. Не тврдиме дека секој проект мора да биде реализиран по секоја цена. Но, тврдиме дека секој проект мора да добие фер и стручна оценка, заснована врз законите, науката и интересите на државата, а не врз притисоци, емоции и дезинформации“, соопшти „И здравје и работа“.
Македонија има право на развој, потенцира иницијативата.
„Источна Македонија има право на нови работни места. Младите имаат право на перспектива во сопствената држава. Ако науката, технологијата и институциите потврдат дека ресурсите можат безбедно да се искористуваат, тогаш проекти како „Иловица-Штука“ не смеат бесконечно да остануваат во статус кво. Доволно долго стравот ја диктираше дебатата. Време е зборот повторно да го добијат фактите, експертите и интересот на државата и нејзините граѓани“, соопшти локалната иницијатова „И здравје и работа“.