ТЕПАЊЕ, ЗАКАНИ И ПСИХИЧКО МАЛТРЕТИРАЊЕ Десет пријави за семејно насилство, приведени пет лица

Во Скопје, Кочани, Штип, Делчево, Велес и во Крива Паланка полицијата интервенирала по пријави за физички напади, закани и психичко малтретирање меѓу членови на семејства и поранешни партнери.

26

Пет лица се лишени од слобода, со едно лице е извршен службен разговор, а полицијата постапувала по вкупно 10 пријави за семејно насилство во последното деноноќие во повеќе градови низ државата.

Во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници на 18 јуни во 20:30 часот го лишиле од слобода З.С. (46) од Скопје, по пријава дека во домот физички ја нападнал својата 47-годишна сопруга.






Истиот ден во 18 часот, 29-годишна жена во СВР Скопје пријавила дека во период од околу шест месеци била физички и психички малтретирана од нејзиниот вонбрачен сопруг Е.Х.

Во уште еден случај во главниот град, 55-годишна жена пријавила дека нејзиниот син О.Г. упатувал закани кон неа и кон неговата сестра.

Во СВР Скопје била пријавена и 46-годишна жена која навела дека околу 9 часот наутро на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот поранешен партнер К.С.

Дополнително, 41-годишна скопјанка пријавила дека во изминатите три месеци нејзиниот поранешен партнер А.Ј. (37) психички ја вознемирувал со постојани телефонски повици, пораки оставени на нејзиното возило, како и со појавување пред нејзиниот дом.

Во Кочани, полициски службеници во 22:30 часот го лишиле од слобода Ф.Р. (40), откако неговата 40-годишна сопруга пријавила дека во семејниот дом физички ја нападнал со тврд предмет. Според пријавата, таа подолг период била изложена на психичко и физичко малтретирање.

Во Штип, непосредно пред полноќ, бил приведен А.Б. (56), по пријава од неговата 49-годишна сопруга дека попладнето физички ја нападнал во семејниот дом.

Во Делчево, во раните утрински часови на 19 јуни, бил лишен од слобода Д.А. (30), откако неговата 23-годишна сопруга пријавила дека во повеќе наврати ја нападнал во домот и во градскиот парк, при што употребил и тврд предмет. Полицијата утврдила дека бил под дејство на алкохол и му биле измерени 1,79 промили алкохол во крвта. Според пријавеното, жената подолг период трпела психичко и физичко насилство.

Во Велес, полициски службеници извршиле службен разговор со З.Б. (57), по пријава дека агресивно се однесувал и упатувал закани кон својата 54-годишна сопруга.

Неколку часа подоцна во истиот град бил приведен С.С. (43), по пријава од неговата 72-годишна мајка дека физички ја нападнал во семејниот дом. Претходно, С.С. пријавил дека неговата мајка извесен период вршела насилство врз неговиот малолетен син и дека на 16 јуни физички го нападнала. За случајот биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи во Велес.

Во Крива Паланка, пак, бил лишен од слобода Д.И. (29) од селото Конопница, откако бил пријавен дека агресивно се однесувал и упатувал закани кон својата 27-годишна сопруга. Тој бил пренесен во здравствена установа во Скопје и задржан на лекување.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Поврзани содржини