Депортации и расни закони во ЕУ
Во секој случај, сега веќе нема никакво сомнение дека строгите миграциски политики ги вртат патоказите кон границите на ЕУ – во спротивната насока. Неизвесната иднина на многумина бегалци и мигранти, заглавени „ни ваму ни таму“ во некоја ЕУ-членка, ќе биде таква што ќе чекаат да биде депортирани во некој собирен мигрантски центар во земја во која никогаш не стапнале.
„Вратете ги назад!“, скандираа деновиве во хор партиите од крајната десница на пленарната седница во Европскиот парламент по усвојувањето со големо мнозинство гласови на новата т.н. регулатива за враќање. Отсега сигналот е повеќе од јасен. „Ако влезете нелегално, Европа никогаш нема да биде ваш дом“, прокоментираа пратеничката група на екстремно десничарските Шведски демократи, партија која во последниве години се профилира со силни анти-мигрантски заложби.
Во општата врева која одекнуваше во Европскиот парламент со силните извикувања „вратете ги назад“, европратениците од левицата одговораа извикувајќи „срам“. Многумина сметаат дека мигрантската политика на ЕУ се брутализира. Остри критики кон новата регулатива беа упатени, меѓу другото, и од страна на Амнести интернешнл и од експертите на ОН.
Меѓу европските земји во последните години посебно се издвојува Шведска, која, инспирирана од рестриктивната мигрантска регулатива на Данска, постави мошне јасна цел: да го намали приемот на бегалци на минимум. Но, не станува збор првенствено за спречување на повеќе луѓе да аплицираат за дозвола за престој. Целта е луѓето дури и да не се обидуваат да ја изберат Шведска како баратели на азил.
„Шведска сега навистина станува расистичка“. Со ваков наслов генералниот секретар на шведската канцеларија на Амнести Интернешанал, Ана Јохансон, деновиве објави дебатен напис откако во Шведскиот парламент гласаше да се воведе барање за добро однесување за добивање дозвола за престој во земјата. Целта, всушност, како што нагласува Јохансон, е да се овозможи депортирање на повеќе луѓе. Според неа, по изгласувањето на такви законски барања „ќе имаме расни закони во Шведска“.
Историјата, се констатира во соопштението на шведскиот Амнести, покажува што може да се случи кога државите, повикувајќи се на јакнење на јавниот ред и безбедноста, ќе почнат да ги категоризираат луѓето врз основа на бојата на кожата и етничката припадност.
Во исто време беа изнесени и поинакви мислења во медиумите, при што се нагласува дека укажувањата за воведување „расни закони“ би требало да се сметаат за неразумно обвинување против „оправданите барања“ преку кои, всушност, треба да се зајакне довербата во миграциската политика што ја спроведува актуелната шведска влада.
Во таа смисла се потенцира дека барањето луѓето да се однесуваат добро и да не вршат кривични дела кога се наоѓаат во земјата и очекуваат да им се одобри дозвола за престој, е сè друго освен расизам. Барањето за добро однесување не е ништо необично или расистичко. Тоа е начин за зголемување на довербата дека шведската политика за миграција функционира одржливо: дека луѓето кои доаѓаат во Шведска со цел да создадат добар живот за себе и да не го оптоваруваат непотребно општеството се добредојдени, додека оние кои го прават спротивното треба да ја напуштат земјата.
Овој владин предлог беше проследен со бура остри критики и со укажувања дека концептот на добро однесување е, всушност, нејасен и дека внесува претпоставки за целосна правна неизвесност. Замислата е експлицитно да се опфати сè што би можело да има каков било допир со тоа што е нелегално. На пример, се сугерира дека „лошо однесување“ би можело да биде доколку имате неплатени долгови кај шведски извршители, или доколку учествувате во демонстрации на кои властите не гледаат со симпатии. Или доколку некој направи неколку ситни сообраќајни прекршоци. Ќе треба, едноставно, да ги спакува куферите.
„Ерата на депортации во ЕУ започна“, рече неодамна шведскиот европратеник од редовите на Шведските демократи, Чарли Вајмарс, кој имаше забележителна улога во заложбите за воспоставувањето на контактите во Европскиот парламент меѓу Конзервативната и христијанско-демократската група ЕПП и партиите на крајната десница. Со новата ЕУ регулатива барателите на азил кои се одбиени, но чии матични земји одбиваат да ги примат, треба да можат да бидат испратени во бегалски кампови – таканаречени центри за враќање – надвор од ЕУ. На пример во Албанија или во Руанда, кои во тој контекст беа споменувани во изминатите години, или во која било друга земја што од ЕУ ќе успеаат да ја поткупат за да прифати депортирани баратели на азил.
Центрите, кои веројатно би можеле да станат реалност во скоро време, се само следниот логичен чекор по пактот на ЕУ за миграција и азил, кој беше изгласан пред неколку години, а кој сега стапи во целосна сила со славенички извици „вратете ги назад“ во Европскиот парламент.
За да се оправда донесувањето на регулативата, во повеќе наврати беа посочувани статистички показатели, дека секоја година на речиси половина милион луѓе им се наредува да ја напуштат ЕУ, но само еден од петмина го прави тоа. Сепак, тие бројки, според влијателниот бриселски портал „ЕУобсервер“ се доведени во прашање. Како што се укажува, се добива погрешна слика, бидејќи некои наредби за протерување се пресметуваат статистички двапати, а некои од засегнатите лица заминуваат доброволно без да бидат регистрирани како повратници.
Новите правила вклучуваат задолжителен скрининг, повеќе „безбедни“ земји и поефикасно враќање на луѓе кои немаат причини за заштита. Според договорот постигнат во текот на данското претседателство со ЕУ во декември минатата година, Бангладеш, Колумбија, Египет, Индија, Косово, Мароко и Тунис, како и сите земји кандидатки за членство во ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија, се означени како безбедни земји на потекло.
Организацијата „RESCUE“, која делува во Шведска, помагајќи им на луѓе во кризни ситуации, е загрижена поради списокот на такви земји, бидејќи е јасно дека земјите што се сметаат за „безбедни земји на потекло“ не се безбедни за секого. Низа документи на ЕУ, всушност, покажуваат дека во сите овие земји се случуваат сериозни кршења на човековите права, особено врз ранливите групи.
Луѓето со посебна ранливост ризикуваат да бидат потиснати низ пукнатините на недоволна правна сигурност и да немаат пристап до доволна правна поддршка. Критичарите тврдат дека опишувањето на овие земји како „безбедни“ е начин ЕУ да се откаже од својата одговорност, на сметка на ранливите луѓе. Затоа, новите правила ризикуваат да го ослабат правото на индивидуална и правно безбедна проценка на потребите за заштита.
„На децата што бегаат од војна и прогон им е потребна безбедност, а не повеќе ѕидови и центри за притвор“, напиша резигнирано во коментар до медиумите Алис Бах Кунке, шведска европратеничка од редовите на Зелените, по гласањето во Европскиот парламент.
Во секој случај, сега веќе нема никакво сомнение дека строгите миграциски политики ги вртат патоказите кон границите на ЕУ – во спротивната насока. Неизвесната иднина на многумина бегалци и мигранти, заглавени „ни ваму ни таму“ во некоја ЕУ-членка, ќе биде таква што ќе чекаат да биде депортирани во некој собирен мигрантски центар во земја во која никогаш не стапнале.
Но, напоредно на тоа, останува и надеж дека ќе се зголемува бројот на оние кои „ерата на депортации“ ќе продолжат да ја доживуваат и осудуваат како – ера на нечовечност.