МОЖЕБИ СО 128 ТИМА ЌЕ СЕ ПЛАСИРААТ НА МУНДИЈАЛОТ Инфантино се пошегува, Италијанците се налутија
Изјавата на Џани Инфантино дека Италија можеби ќе се пласира на Мундијал со 64 или 128 репрезентации предизвика остри реакции, а се огласи и италијанскиот министер за спорт.
Италијанскиот фудбал сè уште не може да се помири со уште едно големо разочарување, а претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, дополнително ја разбранува јавноста на Апенините со изјава која многумина ја сфатија како потсмев.
Гостувајќи на бразилска телевизија, Инфантино беше запрашан за новиот неуспех на Италија да обезбеди место на Светското првенство. Наместо дипломатски одговор, првиот човек на светскиот фудбал се пошегува на сметка на четирикратниот светски шампион.
– Можеби Италија ќе се пласира на Светско првенство со 64 репрезентации или, пак, ќе го зголемиме бројот на учесници на 128 – изјави Инфантино низ насмевка.
Неговата изјава предизвика лавина реакции во Италија, каде што јавноста и натаму е шокирана од новиот неуспех на „аѕурите“ да се најдат меѓу најдобрите светски селекции.
На коментарот реагираше и италијанскиот министер за спорт, Андреа Абоди, кој порача дека сака лично да разговара со Инфантино за да се разјасни контекстот на изјавата.
– Со оглед на големата оддалеченост меѓу Италија и Мексико, најдобро би било разговорот да го водиме по телефон, во зависност од неговите обврски – изјавил Абоди за италијанските медиуми.
Иако дел од јавноста смета дека станува збор за невина шега, многумина во Италија ја оценија како непотребна провокација во момент кога националниот тим минува низ еден од најтешките периоди во својата историја.