„МЕ НАПАДНАА, МЕ ВНЕСОА ВО ВОЗИЛО И МЕ ОДНЕСОА“ Скопјанец тврди дека бил тепан, грабнат и оставен во Шишево
36-годишен маж бил пресретнат од три возила во Карпош, физички нападнат и однесен на две различни локации, по што бил оставен во селото Шишево. МВР работи на расчистување на случајот.
Триесет и шестгодишен жител на скопско пријавил во полиција дека бил физички нападнат, а потоа и грабнат и однесен на друга локација.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, Д.Е. пријавил дека околу 14 часот на подрачјето на Карпош, додека се движел со патничко возило „мерцедес“, бил пресретнат од три патнички возила.
Како што навел во пријавата, едно од лицата, идентификувано како Р.Б., физички го нападнало и му нанело тешки телесни повреди. Потоа, според неговите тврдења, бил внесен во едно од возилата и однесен најпрво на автоплац во Карпош, а потоа бил оставен во селото Шишево.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот.