ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ИРАН БЕЗ ВЛАСТ? Пезешкијан поднел оставка велејќи дека Гардата ги влече конците

Иран Интернешнл, повикувајќи се на анонимен разузнавачки извор, објави дека претседателот Масуд Пезешкијан испратил писмо со оставка до врховниот лидер на Иран. Во писмото наводно предупредува дека Револуционерната гарда презела клучни овластувања и го потиснала претседателството од процесот на одлучување.

0

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан наводно испратил писмо со оставка до канцеларијата на врховниот лидер на Иран. Информацијата ја објави Иран Интернешнл, повикувајќи се на анонимен разузнавачки службеник.

Според истиот извор, Пезешкијан во писмото оценил дека Корпусот на Исламската револуционерна гарда фактички ја презел контролата врз управувањето со земјата. Тој наводно побарал оставката веднаш да биде прифатена.






„Владата е исклучена од одлучувањето“

Изворот тврди дека иранскиот претседател предупредил оти владата повеќе нема вистинска улога во носењето на најважните одлуки. Според него, претседателството било оттурнато од клучните центри на моќ.

Во писмото наводно се наведува дека ваквата состојба им овозможила на влијателни струи во Револуционерната гарда да преземат сè поголема контрола врз државните работи. Пезешкијан сметал дека во такви околности не може да ги извршува своите уставни и законски обврски.

Судир во врвот на власта

Медиумите претходно објавуваа за несогласувања меѓу Пезешкијан и влијателни личности од Револуционерната гарда. Според извештаите, спорните прашања се однесувале на водењето на војната и последиците врз економијата и животниот стандард.

Иран Интернешнл објави дека една од клучните точки на судир биле овластувањата во државниот апарат. Според информирани извори, дел од раководството на Гардата сметало дека во услови на војна најважните позиции треба директно да бидат контролирани од безбедносните структури.

Техеран и Вашингтон сè уште без договор

Додека во Техеран се шпекулира за внатрешни судири, продолжуваат и разговорите меѓу Иран и САД. Претседателот на иранскиот Парламент, Мохамад Бакер Галибаф, порача дека Техеран нема да прифати договор додека не бидат гарантирани правата на иранскиот народ.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не брза со постигнување договор. Тој оцени дека пребрзите преговори можат да доведат до лош резултат и порача дека е поважно да се постигне квалитетен договор отколку брз договор.

Поврзани содржини