ДИЗЕЛОТ И БЕНЗИНОТ ПОЕВТИНУВААТ ОД ПОЛНОЌ Владата ја продолжи мерката, ОКТА даде нов попуст
Владата ја продолжи мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати. Дополнителен попуст од 2 денари по литар обезбеди и компанијата ОКТА, што според владините пресметки треба да донесе значително поевтинување на дизелот.
Владата на денешната седница ја продолжи мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати до 15 јуни. Истовремено, како резултат на разговорите што Владата ги водеше со најголемиот домашен снабдувач на нафтени деривати, компанијата „ОКТА”, обезбеден е дополнителен попуст од 2 денари по литар кој ќе започне да се применува од утре, понеделник, први јуни.
Со овие мерки и согласно нашите пресметки очекуваме цената на дизел горивото да се намали за 6,5 денари по литар, додека цената на бензините ќе биде намалена за 1,5 денар по литар, велат од Владата.
„Ова претставува конкретна и директна поддршка за граѓаните, транспортниот сектор, земјоделците и стопанството во целина. Намалувањето на цените на горивата ќе придонесе кон намалување на трошоците за живот и работење, како и кон задржување на ценовната стабилност во услови на глобални економски предизвици“.
Владата порачува дека останува посветена на политики што носат реални придобивки за граѓаните и дека ќе продолжи активно да презема мерки за заштита на животниот стандард и зајакнување на економската сигурност.