ЌЕ СЕ ПУШИ НА ТЕРАСИ КОИ СЕ ОТВОРЕНИ НАЈМАЛКУ ОД ДВЕ СТРАНИ Угостителите добија рок од една година да ги адаптираат објектите

Претставниците на бизнис секторот потврдија дека предлог-законот за заштита од пушење е креиран со партнерски пристап и искажаа благодарност за разбирањето од страна на Владата да им се овозможи период од една година за соодветно да ги преуредат терасите во објектите.

5

Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи во вторник треба да се разгледа на владина седница, по што се очекува, во најбрз можен рок, да помине во Собранието. Како што рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на завршниот состанок со претставниците од тутунската индустрија и од угостителскиот сектор, законот ќе стапи во сила веднаш, освен одредбата согласно која угостителите треба да ги преадаптираат и пренаменат своите локали. За оваа одредба се предвидени 12 месеци грејс период.

Пушењето во угостителските објекти ќе биде дозволено на терасите, кои мора да бидат отворени од најмалку две страни.






Претставниците на бизнис секторот потврдија дека законот е креиран со партнерски пристап и искажаа благодарност за разбирањето од страна на Владата – да им се овозможи период од една година за соодветно да ги преуредат терасите во објектите.

– Од самиот почеток ја искажавме нашата поддршка во носењето на законот за забрана од пушење во неговата крајна цел, а тоа е заштита на јавното здравје. Сакам да искажам благодарност до премиерот и Владата, како и до министерот за здравство за фазната имплементација, односно за т.н. едногодишен грејс период во кој ние како угостителски сектор ќе имаме можност да ги преадаптираме нашите тераси согласно новите законски решенија, со цел нашиот сектор да претрпи колку што е можно помали економски последици – рече Перица Голомеиќ од Туристичко угостителската комора при Сојузот на стопански комори.

Според Васко Ристовски од Групацијата за производство на цигари при Стопанската комора, бизнисот го цени тоа што при подготовката на законот се земени предвид дел од доставените забелешки, ставови и укажувања на деловната заедница.

– Цврсто ги поддржуваме заложбите за засилување на заштитата на малолетните лица, вклучително и ограничувањето на пристапот, продажбата и употребата на тутунски и сродни производи од нивна страна – принцип кој и самите секојдневно го применуваме во нашето работење преку конкретни механизми и програми. Истовремено, го поддржуваме носењето на балансирани регулаторни решенија кои овозможуваат одржливост, препознатливост и диференцијација меѓу различните традиционални и нови тутунски производи, преку сите нивни специфики. Регулацијата на новите производи и понатаму треба да остане во фокусот на идната регулатива и нашата понатамошна соработка, каде ја нудиме целосната експертиза како мултинационални компании со светско искуство – рече Ристовски.

Премиерот Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу порачаа пред еснафот дека очекуваат доследна примена на законот по неговото донесување и апелираа дека нема да има повластени.

– Ако некој мисли дека ќе биде повластен, па бил близок со овој, оној, па нема да го почитува законот, па него немало да го фатат и слично, се лаже. Можете еднаш да поминете неказнети, ако не ве фатиме, па дури и вторпат, но третпат сигурно ќе бидете фатени и ќе бидете санкционирани – потенцира Мицкоски.

🎥 ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕТО Е КОМПРОМИСНО РЕШЕНИЕ Ќе нема привилегирани, ќе има строги контроли

Поврзани содржини