🎥 ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕТО Е КОМПРОМИСНО РЕШЕНИЕ Ќе нема привилегирани, ќе има строги контроли

Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека законското решение ќе биде ставено на владина седница во вторник и апелираше неговото усвојување во Собранието да се реализира што е можно побрзо.

7

Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи е резултат на широк консултативен процес со сите засегнати страни и не е подготвен ниту набрзина, ниту со наметнување решенија, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој нагласи дека основната цел на законското решение е намалување на бројот на лица кои користат тутунски производи и подобрување на јавното здравје.

Говорејќи на состанок со еснафските здруженија и со други засегнати страни, на кој присуствуваше и министерот за здравство Азир Алиу, Мицкоски истакна дека во изработката на законот биле вклучени здруженија, производители, дистрибутери, угостители и сопственици на ресторани и на ноќни клубови.






Според него, конечниот текст е компромисно решение кое ги зема предвид различните интереси, иако не може целосно да ги задоволи сите страни.

– Не постои идеален закон од кој сите ќе бидат целосно задоволни. Важно е што низ дијалог успеавме да дојдеме до заедничко решение кое во голема мера ги регулира односите во оваа област – рече премиерот.

Тој најави дека Владата ќе инсистира на доследна примена на законот на целата територија на државата и предупреди дека нема да има привилегирани поединци, региони или угостителски објекти.

– Инспекциските служби ќе бидат ригорозни. Нема да има повластени и нема да има селективна примена на законот. Секој што нема да ги почитува прописите ќе биде санкциониран – порача Мицкоски.

Премиерот изрази очекување дека законското решение ќе биде ставено на владина седница во вторник и апелираше неговото усвојување да се реализира што е можно побрзо.

Тој оцени дека правилната и доследна примена на законот ќе придонесе за подобра заштита на здравјето на граѓаните и за намалување на употребата на тутунски производи.

Министерот за здравство АзирАиу рече дека е заокружена целокупната консултативна и институционална постапка за предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи.

– Ова не е закон што се носи набрзина, ниту закон што се носи без слушање на засегнатите страни. Напротив, ова е закон што помина низ широка, инклузивна, детална и аргументирана постапка на усогласување меѓу државните институции, со инспекциските и надзорните органи, со претставниците на тутунската индустрија, со угостителскиот сектор, со експертската јавност и со граѓаните преку можноста што ја имаа преку ЕНЕР – рече Алиу.

-Причината поради која ни е потребен нов закон произлегува од тоа што постојниот закон е донесен во 1995 година и, иако во меѓувреме имал девет измени, повеќе не одговара на денешната реалност. Денес не зборуваме само за класични цигари. Имаме електронски цигари, како и несогорливи тутунски производи кои се нови форми на употреба на никотин и тутун што технологијата постојано ги развива, истакна Алиу.

Според него, податоците се недвосмислени и тие се основата на јавно-здравствениот пристап.

– Тутунот е поврзан со над 3.600 смртни случаи годишно, односно околу 13 проценти од сите смртни случаи во државата. Економската загуба се проценува на 38 милијарди денари, односно над 600 милиони евра годишно, што претставува околу 5,16 проценти од БДП. Меѓу младите на возраст од 13 до 15 години, 13,6 проценти користат тутунски или никотински производи, што е највисока стапка од 2002 година. Дополнително, 73 проценти од младите пушачи не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст. Истовремено, 86,9 проценти од младите поддржуваат забрана за пушење во затворени јавни простори – посочи министерот.

Ова, дополни, покажува дека станува збор за прашање на јавно здравје, заштита на децата, заштита на непушачите, заштита на работниците и создавање јасни правила во јавниот простор.

Алиу потенцира дека законот не го забранува производството, увозот, извозот или продажбата на тутунски производи, но, ја уредува нивната употреба и промоција таму каде што таа влијае врз здравјето на други луѓе.

– Новиот закон носи конкретни и мерливи придобивки. Обезбедува чист воздух во затворени јавни и работни простори. Ги опфаќа новите производи, вклучително електронските цигари и несогорливите тутунски производи. Ја зголемува заштитата на децата преку намалување на нормализацијата, присутноста во училиштата, заштита во приватно возило во присуство на дете, како и на 20 метри од влезовите на здравствени, образовни инстиутции и установи за деца. Законот ја затвора и сивата зона за терасите. Стариот закон само велеше дека пушењето е дозволено на тераси, без доволно јасни услови за нив. Новиот закон воведува јасни и спроведливи критериуми, како на пример, терасата мора да биде отворена од најмалку две страни – укажа Алиу.

Во делот на рекламирањето, промоцијата и спонзорствата, додаде Алиу, законот воведува сеопфатна забрана која ги опфаќа онлајн платформите, социјалните мрежи и инфлуенсерскиот маркетинг – канали што не постоеја кога се носеше стариот закон, а денес имаат силно влијание, особено врз младите.

– Посебно важно е што законот воспоставува функционален надзор. Наместо неколку органи со недоволно јасна поделба на надлежностите, новиот текст предвидува 14 надзорни органи со прецизно разграничени надлежности. Ова е важно затоа што законот мора да биде не само добро напишан, туку и спроведлив на терен – рече Алиу.

Во изминатиот период беа одржани 7 работни состаноци со претставниците на тутунската индустрија и 5 работни состаноци со претставниците на угостителскиот сектор. Текстот на законот беше усогласен со повеќе државни институции и со 14 инспекциски и надзорни органи за да има јасни правила, прецизни надлежности и функционална примена,.

Преку јавната расправа на ЕНЕР беа разгледани 58 коментари од граѓани, трговци, здруженија и од експерти.

– Во процесот имавме и значајна експертска поддршка од Светската здравствена организација, особено во делот на јавно-здравствените стандарди и обврските што произлегуваат од Рамковната конвенција за контрола на тутунот, за што изразувам искрена благодарност. Пред нас имаме текст што е резултат на комплексен процес на слушање, аргументирање и усогласување. Овој закон ги штити оние кои најмалку можат да се заштитат сами – децата, вработените и непушачите. Денеска ја финализираме оваа фаза од постапката. Следниот чекор е разгледување на предлог-законот на седница на Владата, а потоа, согласно процедурите, негово понатамошно процесирање во Собранието – рече министерот Алиу.

Поврзани содржини