ЉУБОПИТНИ СМЕ ДА ДОЗНАЕМЕ ПОВЕЌЕ ЗА ИДЕЈАТА НА МЕРЦ Мицкоски очекува детали на самитот во Тиват
Премиерот вели дека Владата внимателно ги следи новите идеи за европска интеграција на регионот, но засега нема официјални детали.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата со интерес ги следи најавите за постепена интеграција во Европската Унија, по предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, но посочи дека е рано за конкретни коментари додека иницијативата не стане официјална.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски потврди дека ќе присуствува на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, каде што очекува да слушне повеќе детали за предложените идеи и концепти.
– Тие размислувања и идеи ги слушаме подолго време, но не би можел да зборувам ништо додека не станат официјални. Канцеларот Мерц најави ваков развој на настаните уште на состанокот на Берлинскиот процес во Лондон минатата година и јас тоа го коментирав тогаш, дека ќе се појавуваат нови предлози и нови можности за регионот – изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата сака прво да ги слушне конкретните детали од иницијативата.
– Она што можам да го кажам во овој момент е дека сме љубопитни да дознаеме повеќе каква е идејата. Претпоставувам дека тоа ќе се случи на самитот во Тиват од 4 до 5 јуни. Јас ќе бидам таму и со нетрпение очекувам да ги слушнам овие концепти и идеи. Откако ќе имаме повеќе суштина, тогаш ќе можеме да зборуваме и во јавност – рече Мицкоски.