ЕВРОПСКОТО ОРУЖЈЕ ПУКА КОН РУСИЈА Песков ја отфрла ЕУ како неутрален посредник

Кремљ порача дека Европа не може да биде посредник во војната во Украина додека испорачува оружје за Киев. Песков оцени дека дијалогот со Москва е неопходен за решение на кризата.

212

Европа во моментов е директно вклучена во конфликтот во Украина и поради тоа не може да биде посредник во решавањето на кризата, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Според Песков, европското оружје „директно пука кон Русија“, поради што Москва не може да ја гледа Европа како неутрална страна во евентуалните мировни преговори.






Тој оцени дека војната во Украина би можела побрзо да заврши доколку западните земји престанат да испорачуваат оружје за Киев.

Во таа насока, Песков позитивно ја коментираше одлуката на новиот унгарски премиер, Петер Маѓар, Будимпешта да не испраќа оружје во Украина.

– Москва може само да го поздрави ставот на секоја држава која смета дека не треба дополнително да се додава масло на огнот – изјави портпаролот на Кремљ.

Осврнувајќи се на односите со Европската Унија, Песков оцени дека најголемата грешка на Брисел е целосното прекинување на дијалогот со Москва.

Според него, проблемите не можат да се решат без директни разговори, а позитивен сигнал е тоа што во Европа сè почесто се отвора прашањето кој би можел да воспостави комуникација со Русија.

Сепак, додаде дека во моментов нема конкретни предлози за европски претставник кој би го водел евентуалниот дијалог со Москва.

Поврзани содржини