СЕТА НАДЛЕЖНОСТ ЗА СВЛЕЧЕНАТА УЛИЦА Е КАЈ ОПШТИНА ЦЕНТАР Министерството за транспорт за хаваријата на „Теодосиј Гологанов“
Министерството за транспорт ја повикува општина Центар во најбрз можен рок да постапи согласно надлежностите и да ги расчисти сите наводи околу овој инцидент.
Во врска со сериозниот инцидент понеделникот, кога на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, во близина на Католичката црква, дел од земјиштето се урна при ископни работи на градилиште, Министерството за транспорт известува дека согласно закон, единствено надлежен орган е општината Центар.
„Имено, согласно закон, општина Центар и нејзините инспекциски служби, за градбите од втора категорија, се надлежни да утврдат дали свлечиштето довело до оштетувањето на патната инфраструктура, канализациската мрежа и уличното осветлување, како и да обезбеди соодветна заштита на граѓаните и нивно безбедно движење во непосредна близина на оштетениот простор“ – се вели во соопштение од министерството.
Министерството за транспорт ја повикува општина Центар во најбрз можен рок да постапи согласно надлежностите и да ги расчисти сите наводи околу овој инцидент.
Во меѓувладина, инспекциските служби на Општина Центар заедно со Министерството за внатрешни работи излего на терен и по извршениот увид, констатирани се оштетувања на коловозот, тротоарската површина, канализационата мрежа и уличното осветлување, при што веднаш се изречени најстроги законски казни и санкции кон инвеститорот за непочитување на обврските и предизвикување штета врз јавната инфраструктура.
Паралелно со инспекцискиот надзор, екипи на Општина Центар излегле на терен и веднаш презеле мерки за обезбедување на локацијата.
„Поставени се сигурносни појаси и предупредувачки ленти со цел заштита на граѓаните и безбедно движење во непосредна близина на оштетениот простор. Општина Центар нема да толерира несовесно и неодговорно постапување од страна на инвеститори, особено кога се загрозува безбедноста на граѓаните и се оштетува јавниот простор. За секое прекршување ќе следуваат ригорозни мерки согласно законските надлежности“ – наведуваат од Општината.
Истовремено инвеститорот бил задолжен итно да го обезбеди просторот, да преземе мерки за заштита и санација, како и целосно да ја врати оштетената инфраструктура во првобитна состојба.
Од МВР нформираа дека свлечиште на земјата настанало во општина Центар при вршење на ископ на дупка за изградба на зграда со работна машина багер, при што бил затрупан багерот, но лицето кое го управувало навреме излегло.
Од свлечиштето оштетени се делови од тротоарот и улицата, а паднала и бандера која оштетила возило „дачија сандеро”, сопственост на Е.М..
Од МВР нагласуваат дека за инцидентот се известени Центарот за управување со кризи, ЕВН и други институции, а на местото на настанот се упатени полициски службеници и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Според таблата поставена на градилиштето инвеститори се Про билдинг компани ДОО – Тетово и Палма траде Љумиаљ
ДООЕЛ – Тетово. Изведувач е Конструксиони-инвест ДООЕЛ Тетово. Надзорот пак го прави ХИГХ Конструктион гроуп ДООЕЛ – Гостивар.