ЗАДОЛЖУВАЊЕТО Е СО ПОНИСКИ КАМАТНИ СТАПКИ И НА ПОДОЛГ РОК Зголемена е довербата на меѓународните кредитори во Македонија

166

Најновото надворешно задолжување ќе се реализира под значително поповолни услови, со пониски каматни стапки и подолга рочност, што претставува индикатор за зголемена доверба на меѓународните финансиски институции кон македонската економија, рече во интервју за Алфа ТВ министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Министерството за финансии испратило барање до 14 банки, а доило понуда од 8. Каматните услови кои се добиени за кредитот се многу подобри споредено со земјите од регионот што значи дека Министерството за финансии обезбедило конкурентно финансирање.






– Согласно буџетот којшто беше донесен за 2026 година, јасно беше наведено дека имаме план за задолжување од 1 милијарда и 300 милиони евра на странски пазар, од кои 1 милијарда евра издавање еврообврзница, што го направивме на почетокот на годината, а останатите до 300 милиони евра дополнително исто така на надворешен пазар. Во тој процес добивме понуди од 8 различни банки и најповолната понуда е со каматна стапка пониска од онаа која моментално ја има обврзницата што се тргува на секундарниот пазар – рече Димитриеска Кочоска.

Таа наведе дека Црна Гора на петгодишниот кредит има каматна стапка од еурибор плус 2,5 проценти, а Македонија за седумгодишен кредит добила еурибор плус 2,1 процентен поен. Според  неа, ваквите резултати се доказ за подобрено управување со јавните финансии и за зголемена доверба кај меѓународните кредитори во Македонија.

Министерката нагласи дека во Буџетот за 2025 година се предвидени средства за редовно сервисирање на јавниот долг, со што се обезбедува стабилност, предвидливост и навремено исполнување на обврските, а состојбата со јавните финансии мора да се гледа низ реални бројки, споредби и контекст на управување со обврските.

– Македонија и понатаму е под нивото од 60% јавен долг во однос на БДП, што е значително подобра позиција во споредба со дел од земјите во регионот и земји членки на Европската Унија. Романија има јавен долг од околу 63% од БДП, Унгарија околу 75%, Полска околу 70%, а Словенија околу 65% – рече министерката и потенцираше дека ваквите податоци покажуваат дека земјата сè уште одржува умерено ниво на задолженост и внимателен пристап во управувањето со јавните финансии.

Во однос на структурата на задолжувањето, министерката појасни дека значителен дел од новите средства се користат за сервисирање на постојни обврски и доспеани долгови, што претставува редовна практика за секоја држава која мора да обезбеди финансиска стабилност и континуитет во отплатата.

– Она што е важно е дека Владата води политика позајмените средства да не се користат за непродуктивни трошоци, туку пред сè да се насочуваат кон капитални инвестиции, инфраструктура и проекти што носат економски раст и долгорочен развој – додаде министерката.

Паралелно со овие процеси во Министерството за финансии во тек е подготовка на ребаланс на Буџетот.

– Во рамки на подготовката на ребалансот на Буџетот имаме интензивни разговори со сите министерства, при што се прават анализи каде има простор за заштеди, каде се останува во рамките на лимитите и каде има потреба од дополнителни средства за реализација на проекти и политики. Наша обврска е да ја задржиме фискалната стабилност и рационално да управуваме со јавните средства – рече министерката.

Поврзани содржини