АЛАРМ ВО РАДОВИШ, ДЕПОНИЈАТА ГОРИ ПЕТТИ ДЕН Граѓаните предупредени да седат дома и да носат маски

Чадот од запалената депонија се шири над Радовиш, а властите препорачуваат граѓаните да останат во затворени простории и да користат заштитни маски.

64

Пожарот на депонијата во Радовиш и натаму не е целосно ставен под контрола, а чадот што се шири над градот ги натера локалните власти да издадат сериозни препораки до граѓаните.

Градоначалникот на Радовиш и командант на Кризниот штаб, Љупчо Почивалец, во консултација со лекарите од Центарот за јавно здравје, апелира граѓаните да избегнуваат непотребен престој на отворено, особено во периодите кога чадот е најгуст.






Според информациите од Општината, на терен постојано работи механизација која со земја ги покрива запалените делови од депонијата за да се спречи понатамошно ширење на пожарот.

Од Кризниот штаб препорачуваат прозорците и вратите во домовите да се држат затворени, а да се исклучат и клима-уредите и системите за вентилација кои внесуваат воздух однадвор.

Граѓаните се советуваат да престојуваат во затворени простории, да избегнуваат спортски и рекреативни активности на отворено и да користат заштитни маски, особено од типот FFP2, FFP3 или N95.

Посебен апел е упатен за заштита на децата, постарите лица, бремените жени и лицата со хронични заболувања.

– Доколку се појават симптоми како кашлица, печење во очите, вртоглавица или отежнато дишење, веднаш да се побара медицинска помош – се наведува во препораките.

На работодавците им се препорачува, доколку има можност, да овозможат работа од дома за ризичните категории вработени.

Од Општина Радовиш велат дека сите надлежни служби се постојано на терен и работат на локализирање и целосно гаснење на пожарот.

Истовремено, апелираат граѓаните да останат смирени и да ги следат официјалните информации и препораки преку медиумите и надлежните институции.

Поврзани содржини