КАЦАРОВ Е САМО ВРЕМЕНО РЕШЕНИЕ Следната недела ќе се распише нов оглас за директор на Универзална сала
Градоначалникот на Скопје најави нов оглас за директор на Универзална сала следната недела и порача дека институцијата не смеела да остане без раководство и без исплата на плати. Тој вели дека Кацаров ќе остане в.д. директор до изборот на директор.
Миро Кацаров времено ќе ја извршува должноста директор на Универзална сала додека следната недела ќе се распише нов оглас на кој заинтересираните кандидати ќе можат да аплицираат. Вака информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за Курир.
– Јас не велам дека секогаш правиме совршени кадрови потези, сите досега се покажале дека се исправни во Град Скопје, затоа и состојбата е таква каква што е, но овде станува збор за културна институција, апсолутно ми е важно мислењето на граѓаните – вели градоначалникот.
Ѓорѓиевски истакна дека конкурс за директор бил распишан по завршување на мандатот на претходниот директор и дека првиот распишан оглас пропаднал поради недоволен интерес во јавноста. Потоа за в.д. директор бил назначен Кацаров.
– Кога станува збор за тоа кадровско решение, јас морам да истакнам во јавноста, лицето Миро Кацаров е вработен во таа институција со години наназад. На директорот кој претходно беше на таа позиција, му заврши мандатот и ние моравме да ставиме таму вршител на должност директор. Лице кое ќе ја извршува должноста додека да спроведеме нов оглас. Зошто? Затоа што првиот оглас пропадна таму. Ние имавме еден оглас таму кој го спроведовме, дали немаше доволно интерес во јавноста, можеби и недоволно јавен беше процесот, но доведе до тоа да пропадне огласот и не можев јас таа институција да ја оставам вработените да немаат плата, рече градоначалникот.