ДОНАЛД ТРАМП ГО ПОКАНИ СИ ЏИНПИНГ ДА ГИ ПОСЕТИ САД Средбата би била на 24 септември
Светот е посебно место кога ние двајцата сме обединети и заедно - посочи Трамп.
Американскиот претседател Доналд Трамп на приемот во Пекинг наздрави за блиските и историски врски помеѓу САД и Кина. Тој средбите во Пекинг ги оцени како исклучително позитивни и продуктивни и му се заблагодари на кинескиот претседател Си Џинпинг на големата чест и величествена церемонија за добредојде.
Според Трамп односот помеѓу САД и Кина е „еден од најзначајните во светската историја“. Тој потенцира дека двете земји имаат „многу заеднички работи“ како што се „напорна работа“, „храброст“ и „достигнување“.
– Светот е посебно место кога ние двајцата сме обединети и заедно – посочи Трамп.
Тој го покани кинескиот претседател да ги посети САД на 24 септември.
Претходно, Си изјави дека Кина и САД треба да бидат партнери, а не соперници.
– И кинескиот и американскиот народ се големи народи. Остварувањето на големата преродба на кинеската нација и враќањето на величината на Америка можат да одат рака под рака, наведе Си.
Тој додаде дека двете држави можат да работат за општото добро.
– Можеме да си помагаме едни на други да успееме и да придонесеме за благосостојбата на целиот свет. Нашите две земји треба да бидат партнери, а не соперници – истакна Си.